сабота, 19 октомври 2024

ОТА имала нацрт договор со Грчката разузнавачка служба, се споменува и користење на софтвер за прислушување  

Објавено на

часот

Сподели

Според израелските медиуми, во целата работа бил вмешан и поранешен шеф за безбедност во израелското Министерство за одбрана.

Македонската агенција ОТА почнува да работи на 1 ноември 2018 година со цел „да се оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации на граѓаните од страна на овластените органи за следење на комуникациите или операторите“. Оваа агенција е основана како реакција на злоупотребата на безбедносните институции по аферата со прислушувањето на 20.000 македонски граѓани за време на владата на Никола Груевски. 

ОТА во своите одговори за ИРЛ официјално потврдува дека имало контакт со грчката ЕИП, за прашањата на сајбер безбедноста и дигитализацијата:

„ОТА е автономна и независна државна агенција. Како дел од своите надлежности и активности, ОТА, меѓу другото, остварува соработка и контакти со многу домашни, странски и меѓународни органи, кои се остваруваат преку официјални канали на комуникација. Такви беа средбите одржани во првата половина на 2022 година со раководството на грчката национална разузнавачка служба (ЕИП), како одговорни тела за следење на комуникациите во двете земји. На овие состаноци не беа споделени доверливи информации и не беа потпишани документи. Не беше потпишан ниту Меморандум за разбирање.

Тема на средбите беше размена на искуства од областа на дигитализацијата на системите, во насока на подобрување на безбедноста при дигитализација, што ја вклучува и сајбер безбедноста, за што беше одржана презентација за процесот на дигитализација на грчкото општество. Постигнатите нивни резултати и напредок беа исклучително корисни.

За посетите и резултатите од разговорите беа известени и членовите на собраниската Комисија за спроведување на надзорот за следење на комуникациите, како и до претставници на Владата“.

Сепак, нацрт меморандум за соработка имало, а документот се подготвувал паралелно кога во Грција власта се обидувала да развие правна рамка со која би се дозволила употреба на шпионски софтвер.

Грција уште во 2019 година почнала со тестирање на употребата на технологијата за шпионскиot софтвер Предатор. Танасис Кукакис, истражувачки новинар, беше една од првите жртви на неговата употреба.

Прелиминарниот меморандум за соработка бил подготвен во март 2022 година, а еден месец подоцна изби скандалот „Грчки Вотергејт“ за употребата на Предатор против грчки политичари и бизнисмени.

Во септември 2022 година, во сведочењето пред грчката парламентарна истражна комисија, шефот на ЕИП го потврди постоењето на овој нацрт-договор, но негираше каква било поврзаност со Интелекса.

Според истражувањето на ИРЛ од Македонија и на Инсајдстори од Грција има сомневање дека овој софтвер веќе се користел и во Македонија, а првите контакти со израелската компанија биле реализирани уште во 2018 година, директно од тогашниот македонски премиер Зоран Заев.

Во нацрт-меморандумот пишувало дека Македонија и Грција заеднички ќе работат на подобрување на професионалниот развој во сајбер-безбедноста, на заштита на своите граѓани од злонамерни дејства во сајбер-просторот, против сајбер-заканите, тероризмот, криминалните активности, кои се сметаат за закана за нивните национални интереси. Според овој меморандум за разбирање, агенциите требаше да ги споделуваат информациите за да му помогнат на партнерот да ја елиминира заканата во корист на двете земји.

Останува неодговорено прашањето како овој нацрт меморандум се нашол и во компјутерите на одговорните лица на израелската компанија Интрелекса.  

Она што е исто така индикативно, според Законот за ОТА, агенцијата е само медијатор за следење на комуникации и според Законот за безбедносно разузнавачки служби (чл. 2) не е дефинирана како безбедносна служба, ниту пак има некакви надлежности за меѓународна соработка. Во случајов, дефиницијата сајбер-безбедност се користи како предмет на посакуваната меѓусебна соработка со грчката служба.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ