четврток, 31 октомври 2024

Османи: Владата размислува да им плати на граѓаните кои имаат важечки пасоши, а кои мора да ги сменат

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вечерва изјави дека од 12 февруари патните документи со старото име нема да важат. За граѓаните кои треба да се вратат во државата а не ги смениле документите, тој напомена дека треба да бидат во комуникација со дипломатско конзуларните претставништва, преку кои ќе бидат упатени за понатамошна постапка. Тој нагласи дека се гледа и можноста за рефундирање на парите на граѓаните кои имаат важечки пасоши, а кои поради обврските од Преспанскиот договор мора да го сменат.

Објавено на

часот

Сподели

„Јас пред неколку дена бев искритикуван затоа што бев брутално искрен со граѓаните. Реков да не ги лажеме бидејќи Преспанскиот договор не може да се смени. Лидерот на опозицијата велеше дека ќе достави претставка до Уставниот суд, за потоа да дојдат до тоа што јас го кажав дека треба да се реорганизираме за да им помогнеме на граѓаните. Ќе има дежурна екипа во Министерството која што ги прифаќа тие телефонски повици, нека се јават, ние ќе ги упатиме, ќе им укажеме што треба да направат“, рече вечерва Османи во своето гостување на ТВ21.

На прашањето дали во моментот има такви повици, Османи посочи дека има, но очекуваат да се зголемат како што се приближува рокот.

Тој потврди дека од 12 февруари патните документи со старото име нема да важат. Како што рече, Грција ги информирала сите држави, дека тој пасош е неважечки.

„Ние веќе се реорганизираме во МНР. Имавме комуникација со сите дипломатско конзуларни претставнишатва, праќаме луѓе на испомош, се организираме на двосменско работење за да им излеземе во пресрет на тие што ќе имаат потреба да се вратат во државата и да бараат патен лист“, додаде Османи.

Тој рече дека новиот премиер Талат Џафери на првата седница формирал работна група за да се изнајдат решенија кои што се развиле во неколку сценарија, од можноста државата да компензира за тие кои имаат важечки пасош, а заради договорот треба да ги сменат, до можноста за реорганизирање на службите.

„Се разгледува и опција за рефундација. Ова беше на првата седница на Владата, на барање на премиерот Џафери и ние сега како работна група од министри треба да му реферираме на премиерот за нашите предлози како сметаме дека може да им се излезе во пресрет на граѓаните“, додаде Османи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ