петок, 22 ноември 2024

„Организаторите на 27 април“ се враќаат на судење во Кривичниот суд Скопје

Објавено на

часот

Сподели

Во образложението на одлуката уште пишува дека при утврдување на фактичката состојба, скопскиот кривичен суд не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите при извршувањето на кривичното дело. Четворицата обвинети, а потоа и осудени, се товареа дека се организатори на упадот на граѓаните во Собранието на 27 април 2017 година. Предметот се враќа на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје.

Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на четворицата осудени и ја укина првостепената пресуда за случајот „Организатори на 27 април“ што беше донесена на 26 јули 2021 година.

Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), во оваа фаза на постапката, Апелациониот суд одлучи дека е беспредметна.

Судот уште одлучи дека на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски, изречените мерки на претпазливост им остануваат во сила.

„При разгледување на првостепената пресуда, судот оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик. Ова, од причина што првостепениот суд врз основа на расположивиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“, посочува Апелацискиот суд.

Првостепениот суд, пишува во соопштението од Апелацискиот суд, го повредил и правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите што се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.

„Првостепниот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија што го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик. Ова, од причини што при постпувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги занемарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла по однос на примената на Законот за амнестија (Сл.весник на РМ бр.233/2018) кој во член 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените постапки и ослободување од издржување на казната затвор“, пишува во соопштението од Судот.

Основниот кривичен суд Скопје на 26 јули 2021 година им изрече вкупно 25 години затвор на четворицата обвинети за случајот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“ и тоа 6 и пол години казна затвор за поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски, 6 години и три месеци казна затвор за екс-министерот за образование Спиро Ристовски, и 6 години и три месеци казна затвор за поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески. Директорот на УБК Владимир Атанасовски, пак, беше осуден на шест години казна затвор.

Четворицата беа обвинети а потоа и осудени дека се организатори на упадот на граѓаните во Собранието на 27 април 2017 година. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ