Албанските опозициски партии – Движењето Беса, Алтернатива и Демократско движење нема да гласаат за уставните измени ако од Уставот не биде тргната формулацијата „20 проценти од граѓаните што зборуваат албански јазик“ и доколку не биде прифатен амандманот за борба против корупцијата.
Пратеникот на Беса, Фадил Зендели на денешната прес-конференција во Собранието истакна дека нема да ги поддржи уставните измени доколку бришењето на формулацијата „20 проценти албански јазик“ не биде дел од нив.
„Секогаш и пред вас и пред собраниската говорница сум рекол дека ако 20 отсто не биде дел од уставните измени, нема да ги поддржам уставните измени кои се во собраниска процедура. Тука нема промена на став ниту од моја страна, ниту од претседателот на партијата“, рече Зендели.
И Мерита Колчи Коџаџику, пратеничка на Демократското движење потенцира дека остануваат на ставот дека нема да ги поддржат уставните измени.
„Како пратеничка група од Демократското движење од почеток тоа беше нашиот став. До овој момент остануваме на истиот став“, рече таа.
Пратеничката на Алтернатива Сафије Садику Шаини истакна дека и оваа партија нема да ги поддржи уставните измени доколку не биде прифатен нивниот амандман за корупција.
„Како Алтернатива сме изјавиле дека прво треба да го прифатат нашиот уставен амандман против корупцијата. Ако не се прифати тој амандман, нема да гласаме за уставните измени“, рече таа.
Инаку, темата на заедничката прес-конференција на пратениците од трите партии беше владината одлука за овозможување на онлајн игри на среќа.
„Иако Законот за коцкање беше на дневен ред на пленарна седница, пред 6 месеци Собранието не постапи по ова прашање. Интересот на Владата за овие промени исчезна ненадејно и мистериозно. Симптоматски е тоа што во овој период беше донесена одлука за создавање на друга компанија за коцкање, наречена Нова државна видеолотарија, како и дополнителни одлуки за три нови синџири на онлајн коцкање, Зад сите овие владини одлуки јасно е дека има потпис на еден човек, а тој е Артан Груби“, рекоа пратениците.