Овој предлог следи по ултиматумот на Ганц, кој бара од Нетанјаху до 8 јуни да се согласи со планот за повоено управување со Газа.
Тој се закани дека ќе ја напушти коалицијата доколку не се постигне договор, иако партијата Ликуд на премиерот и нејзините тврдокорни сојузници имаат мнозинство места во Кнесетот без Ганц.
Нетанјаху долго време градеше слика за себе како некој кој ја става безбедноста на Израел на прво место, но тој се соочува со растечко незадоволство по крвавиот напад на Хамас на 7 октомври, кој се случи „под негов надзор“.
„7 октомври беше катастрофа што бара од нас да ја вратиме довербата на луѓето, да воспоставиме широка и стабилна влада на национално единство што сигурно ќе не води“, изјави пратеничката Пнина Тамено од партијата Национално единство на Ганц.
Тамено смета дека сега е време да се поднесе овој предлог-закон.
Партијата Ликуд тврди дека распуштањето на владата ќе им наштети на воените напори и ќе зададе „фатален удар“ за ослободувањето на повеќе од 120 луѓе кои беа заробени од Хамас од 7 октомври, најлошиот терористички напад врз Израел во историјата, во кој беа убиени 1.200 лица.
Израел потоа започна напад врз Појасот Газа, во кој досега загинаа над 36.000 лица.
Нетанјаху го обвини Ганц дека „упатува ултиматум до премиерот наместо до Хамас“ и дека исполнувањето на неговите барања ќе значи „крај на војната и пораз на Израел, оставајќи ги повеќето заложници, оставајќи го Хамас на власт и создавање на палестинска држава“.
Национално единство му одговари на премиерот дека тој ја урива владата, но има уште време да се договорат затоа што само „заедно можат да победат“.