сабота, 26 октомври 2024

Од Русија избркан дописникот на шпанскиот дневен весник Ел Мундо

Дописникот на шпанскиот весник Ел Мундо е протеран од Русија откако властите одбиле да му ја продолжат визата, соопшти вчера весникот и го осуди нарушувањето на слободата на медиумите во таа земја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ксавиер Колас, кој 12 години беше дописник од Москва, во средата мораше да ја напушти земјата во рок од 24 часа бидејќи не доби документ „неопходен“ за работа во Русија, пишува неговиот весник.

Некој државен функционер го известил дека треба да ја напушти државата и му се заканил дека ќе има „проблеми“ доколку не замине пред истекот на работната виза, вели весникот, кој вчера на две страници пишуваше за ова протерување.

Според извештаите, Колас во последните месеци бил посетен од полицајци во неговиот дом, кои побарале да престане да известува за протестите на сопругите на руските војници, што, како што додава весникот, е „еден од ретките видливи знаци на незадоволство од војната“ во Украина.

„Одбивањето да се обнови визата на новинар е една од вообичаените алатки за нарушување на слободата на изразување“, пишува весникот, осудувајќи ги „заканите“ и „притисоците“ врз новинарите во Русија.

Колас, кој штотуку објави книга со наслов „Путинистан“, за неговите 12 години во Русија, на Икс порача дека „не се кае за ништо“.

„Јас само си ја вршев работата, известував што се случува, разговарав со луѓето што страдаат поради тоа и објаснував кој е одговорен за тоа што се случило“, напиша новинарот.

Руските власти од почетокот на инвазијата на Украина носеа сè порестриктивни мерки против западните новинари, во рамките на кои, меѓу другото, од нив се бара да ги обновуваат визите на секои три месеци.

Неколку странски новинари беа принудени да ја напуштат земјата и беа заплашувани.

Американскиот новинар Еван Гершкович е во затвор повеќе од една година поради обвиненијата за шпионажа, кои тој ги негира, како и неговиот работодавец Волстрит џурнал, неговите пријатели и САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ