сабота, 26 октомври 2024

Новиот тајвански претседател ѝ порача на Кина: Престанете да ни се заканувате

Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те денеска побара од Кина да ги прекине своите воени и политички закани, велејќи во својот инаугуративен говор дека мирот е единствениот пат и дека Пекинг мора да го почитува изборот на тајванскиот народ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Обраќајќи ѝ се на толпата собрана пред претседателската канцеларија во центарот на Тајпеј, Лаи рече дека сака да разговара со Кина, која островот го гледа како своја територија и никогаш не ја отфрли можноста за употреба на сила за да го врати под своја контрола.

„Ја повикувам Кина да престане политички и воено да го заплашува Тајван и да преземе глобална одговорност заедно со Тајван за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и во регионот, за светот да не мора да стравува од избувнување на војна. И сакаме ова да му го објавиме на светот: Тајван не прави отстапки во однос на демократијата и слободата. Мирот е единствениот пат и нашата цел е долгорочен мир и стабилност“, рече тој.

Засега нема реакција од Кина, која го нарече Лаи сепаратист пред изборите во јануари. Лаи (64), кој ја презеде функцијата од поранешната шефица на државата Цаи Инг-вен, на која ѝ беше потпретседател во последните четири години, рече дека луѓето мора да бидат реални и сериозно да ги сфатат заканите и дека Тајван мора да покаже дека е решен да се брани.

„Почитувани сограѓани, мирот е нашиот идеал, но не смееме да имаме илузии. Пред Кина да се откаже од употребата на сила за напад на Тајван, граѓаните мора да знаат: Дури и ако ги прифатиме сите барања на Кина и да се откажеме од нашиот суверенитет, амбициите на Кина нема да исчезнат“.

Лаи доби силен аплауз од толпата кога рече дека Република Кина, официјалното име на Тајван и Народна Република Кина „не се подредени една на друга“.

Тајванското Министерство за одбрана во денешниот дневен извештај објави дека шест кинески авиони ја преминале централната линија на Тајванскиот теснец, која претходно служеше како неофицијална граница, но Кина не ја признава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ