Под објавата на својот Фејсбук профил на неговата репортажа од Пустец, Албанија, Видиновски доби сериозни и застрашувачки закани од претседателот на бугарската фондација Македонија, Виктор Стојанов кој има забрана за влез во Македонија на неопределено време поради дејствија насочени против македонската држава. Тој го обвини Видиновски дека лаже и му се закани со притворање.
„ССНМ смета дека ‘слободата; секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема за право да се заканува по социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, па и во лична комуникација, добива на интензитет и затоа, брза и ефективна реакција на соодветните институции е исклучително важна во делот на сузбивање на веќе востановената пракса. Ваквите форми на притисоци и директни напади врз новинарите и медиумските работници претставуваат и закана за слободното изразување и слободата на медиумите, а лесно може да се претворат во посериозно попречување на работата на новинарите која е од јавен интерес. Во исто време ССНМ бара од Министерството за надворешни работи да реагира до бугарското МНР бидејќи според договорот за добрососедство двете страни се обврзани да регистрираат и постапуваат по акти со говор на омраза кон другата страна“, пишува во реакцијата на ССНМ.
Реагираше и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Оттаму ги осудија заканите кон новинарот на Канал 5 Александар Видиновски
„Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува директните закани кон колегата од Канал 5 телевизија Александар Видиновски и бара од надлежните институции да постапат по очигледната закана по безбедноста на новинарот. Потенцираме дека ваквите директни закани претставуваат притисок врз слободата на изразување и можат да предизвикаат страв кај новинарите и медиумските работници и да ја загрозат нивната безбедноста преку поттикнување на насилство. Потсетуваме дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години. Исто така, укажуваме дека овие закани се кривични дела за кои постои позитивна судска пракса и за кои ЗНМ во 2020 година има добиено судски случај пред Основниот кривичен суд за закани кон новинарите објавени на социјалните медиуми“, пишува во реакцијата на ЗНМ.
Со реакција се јавија и од Македонската асоцијација на новинари (МАН).
„Заканата со кривичен прогон и притвор за македонскиот новинар Александар Видиновски од Канал 5 воопшто не е само вербална писмена закана затоа што во минатото таквите закани навистина предизвикале и правни последици. МАН повикува на поддршка од страна на јавноста, но и на новинарската струка во Македонија, за новинарот Александар Видиновски и телевизијата Канал 5 во одбрана на неговите професионални права и поддршка за крајно професионално однесување во изработка и објава на спомнатата репортажа од Мала Преспа во Албанија“, велат од МАН.