„Денеска (14.11.2024) во 09.20 ч. во дворно место во населба Ќерамидница во Скопје била фрлена експлозивна направа. Од експлозијата со повреди се здобил Р.Т., кој е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Пред шест години името на Раде Трајковски викан Штекли се поврзуваше со убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. Но подоцна осомничен и обвинет беше Филип Секуловски- Кобра.
Лани на крајот од август, Штекли беше повторно мета во Ист гејт мол. Но, тогаш го спаси блендираниот автомобил во кој се возел.
Пукањето од страна на засега непознати лица, чие возило потоа е најдено запалено кај езерото Треска, се толкува како порака што одредена криминална група сака да ја испрати. Штекли не се поврзува со последните мафијашки убиства, но многу индиции водат кон криминалната група „Барон“.
На социјалните мрежи по претходниот обид за ликвидација Штекли објави фотографија од времето на неговото лекување. На фотографијата можеа да се видат преврските во пределот на неговиот граден кош по здобиените повреди од нападот. Тоа беше втор обид за ликвидација на Штекли.
Случајот со денешната експлозија по која тој заврши во болница се истражува.