Во извештајот се изнесуваат детали за тоа како владините агенции не успеале да ја препознаат ниту да предупредат на можноста за насилство, додека некои поддржувачи на тогашниот претседател Доналд Трамп отворено ја планирале опсадата преку СМС-пораки и форуми на интернет.
Помеѓу мноштвото разузнавачки информации што биле игнорирани се информациите доставени до ФБИ во декември 2020 година дека членовите на екстремнодесничарската група „Горди момци“ планирале да бидат во Вашингтон за време на формалната потврда на победата на Џозеф Бајден и „планирале буквално да убиваат луѓе“, вели извештајот.
Комитетот за внатрешна безбедност и владини прашања на Сенатот рече дека агенциите исто така биле свесни за многу пораки на социјалните мрежи што најавувале насилство. Во некои од нив поддржувачите на Трамп биле повикувани да „дојдат вооружени“ и да упаднат во комплексот на американскиот Конгрес, да ги убијат неговите членови или да ја „запалат зградата“.
Претседателот на Комитетот, сенаторот од Мичиген Гери Питерс, рече дека проблемот во голема мера е што заканите за упад во Капитол не се сметале за веродостојни.
Во извештајот на мнозинството во Комитетот се вели дека разузнавачката заедница не успеала целосно да го насочи вниманието кон заканите од домашниот, а не од меѓународниот тероризам. Разузнавачките лидери не алармирале „делумно затоа што не можеле да замислат дека бунтовници можат да упаднат во зградата на Капитол“.
Питерс истакна дека не постои лесно објаснета причина зошто, како што рече, „огромно количество разузнавачки податоци“ биле отфрлени.
Разузнавачките неуспеси во пресрет на 6 јануари веќе се истражени во неколку други извештаи, вклучително и двопартискиот извештај на Сенатот од 2021 година, потоа во извештајот на специјалниот комитет на Претставничкиот дом за нападот и неколку одделни внатрешни процени на полицијата на Капитол и други владини агенции.
Последниот извештај е прв во Конгресот што се фокусира исклучиво на активностите на ФБИ и Канцеларијата за разузнавачки податоци и анализа под Министерството за домашна безбедност.
По нападот, комитетот ги испитувал службениците во двете агенции, кои „постојано се обвинуваа меѓусебно“, рече Питерс, додавајќи дека „сите треба да одговараат бидејќи сите се виновни за пропустите“.
Во извештајот се изнесуваат детали за разузнавачките податоци што агенциите ги добиле пред нападот. Се нагласува дека немало пропусти во добивањето на доказите, „туку во целосната и точна процена на сериозноста на заканата претставена во разузнавачките податоци и во формалното издавање на насоки до партнерите во органите за спроведување на законот“.
Трамп лажно тврдеше дека победил на изборите во 2020 година и се обиде да го поништи изборниот пораз, а на 6 јануари 2021 година во говор пред Белата куќа им порача на своите поддржувачи „пеколно да се борат“. Илјадници луѓе потоа упаднаа во Конгресот, ги напаѓаа полицајците и направија штета од над 2,7 милијарди долари.
Тие кршеа прозорци и врати, додека членовите на Конгресот се криеја. Немирите привремено ја прекинаа потврдата на победата на Бајден. Дури и за време на нападот, ФБИ и Министерството ја намалувале заканата. Додека полицијата на Капитол се обидуваше да ги расчисти немирите, Министерството за домашна безбедност сè уште „се обидуваше да го процени кредибилитетот на заканите кон Капитол и да ги сподели своите разузнавачки информации“, се вели во новиот извештај.
Додека поддржувачите на Трамп се собираа пред Белата куќа и пред Капитол, носејќи „шлемови и воени ранци и радиоопрема“, ФБИ остана на ставот дека нема веродостојни закани. Поради недостиг од предупредување, полицијата не можела соодветно да се подготви, а околу Капитол немаше утврдена ограда, како што е случај за време на обраќањето за состојбата на нацијата.
Во извештајот се вели дека агенциите примиле и отфрлиле десетици информации за насилството, поради недостиг од координација, бирократски одложувања или колебање кај оние што собираат разузнавачки информации.
Пред нападот, поранешен функционер на Министерството за правда му испрати на ФБИ онлајн-пораки од членовите на екстремистичката група „Чувари на заклетвата“ дека „куршумите се единствениот начин“.
Социјалната мрежа Парлер, омилена меѓу поддржувачите на Трамп, исто така до ФБИ испрати неколку објави за кои сметала дека се вознемирувачки, велејќи дека стравува што може да се случи на 6 јануари.
И покрај сето тоа, агенцијата постојано нагласуваше дека нема веродостојни закани, се наведува во извештајот.
„Нашата земја сè уште се справува со последиците од 6 јануари, но јасно е дека процесот на собирање, анализа и размена на разузнавачки информации на владата треба да се преиспита“, се вели во новиот извештај.
Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека многу промени се воведени во последните две и пол години и дека „разузнавачката анализа, споделувањето информации и подготвеноста се зајакнати за да се спречи насилството и да се зачуваат заедниците безбедни“.
ФБИ во посебен одговор рече дека по нападот повеќе внимание му се посветува на „брзото споделување информации“.
„ФБИ е решено агресивно да ѝ се спротивстави на заканата од сите домашни насилни екстремисти, без оглед на нивната мотивација“, се вели во соопштението.
„Важно е да ги препознаеме пропустите за да се осигуриме дека тие нема да се повторат“, рече сенаторот Питерс.