недела, 20 октомври 2024

Њујорк тајмс: Америка се мачи со помагањето на сојузниците и одржувањето на сопствените залихи на вооружување

Веќе со месеци, речиси секоја недела, владата на американскиот претседател Џо Бајден најавува дека испраќа уште една пратка оружје за Украина или Израел и речиси секоја недела функционерите на Пентагон расправаат за тоа дали испораките на оружје можат да ја загрозат способноста на американската војска да одговори на нов конфликт, особено на Пацификот, пишува Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Таа приказна повторно се појави во последните денови, откако владата на Бајден објави дека му испраќа „напреден противракетен систем“ на Израел, вклучувајќи 100 американски војници кои ќе ракуваат со него.

Како што наведува американскиот весник, системот ТХААД е напредно оружје за соборување балистички ракети од краток и среден дострел, а на Израел му е потребен поради тоа што планира да го нападне Иран.

Иранскиот „бараж од речиси 200 балистички ракети, кои направија мала штета“, според американскиот весник, ги поттикнал американските власти да му испратат повеќе оружје на Израел.

Меѓутоа, според достапните податоци, се проценува дека САД имаат вкупно седум батерии од овој систем, вклучувајќи ја таа за Израел и другата испратена на Блискиот Исток претходно годинава, за да ги заштити американските трупи од можен напад на милитантни групи.

Пентагон обично не открива каде се разместени батериите, од безбедносни причини, но се верува дека една од нив се наоѓа во Јужна Кореја.

Она што е сигурно е дека распоредувањето ги намалило американските залихи.

„Сите ги сакаат силите за противвоздушна одбрана на американската војска“, кажа генералот Ренди Џорџ, началник на генералштабот на армијата на САД на годишната конференција на Асоцијацијата на армијата на САД оваа недела, и додаде:

„Ова е нашата најангажирана формација“.

Нешто поотворена беше Кристина Вормут, секретар на американската армија, која изјави дека „противвоздушната одбрана и артилеријата се најоптеретени“, предупредувајќи дека војската мора да биде повнимателна, но и дека „во ваков нестабилен свет понекогаш мора да го направи тоа што мора“.

Американскиот весник потсетува дека во претходните две и пол години САД испратија повеќе од 61 милијарда долари воена помош за Украина, вклучувајќи ПВО системи „патриот“, повеќецевни лансери ХИМАРС и тактички балистички ракети АТАКМС, оклопни возила, противоклопни системи „џавелин“, лесни преносни системи „стингер“ и огромно количество муниција.

Откако Израел ја нападна Газа по упадот на Хамас пред една година, Пентагон ги зголеми издвојувањата за оружје за Израел, неколкуте блискоисточни сојузници и американските трупи во тој регион.

Покрај тоа, САД распоредија амфибиски десантен брод и три разурнувачи во источниот дел на Средоземно Море, додека носачот на авиони Хари Труман исплови на крајот на септември на претходно закажана вежба во северна Европа. Американските власти предупредуваат дека можеби ќе мораат да го пренасочат носачот ако борбите во регионот се интензивираат и прошират.

Воената морнарица на САД има неколку разурнувачи во Црвено Море, а носачот на авиони Абрахам Линколн се наоѓа во Оманскиот залив и го надгледува Иран, заедно со својата ударна група бродови и воздухопловна флота.

Сепак, ова распоредување на силите и испраќање оружје предизвикува загриженост меѓу високите воени функционери на САД. Генералот Чарлс К. Браун Помладиот, началникот на Здружениот генералштаб, го истакна прашањето на влијанието на проширеното присуство на американската војска на Блискиот Исток на нејзината способност брзо да реагира на кризата ако е потребно.

Релативниот недостиг на АТАКМС произведени во САД една од причините зошто претседателот Бајден кажа „не“ на барањата на Киев да го употреби ова оружје за напади на цели длабоко во Русија. Функционери на Пентагон велат дека едноставно не можат да ѝ испорачаат повеќе од овие ракети на Украина, а да не почнат да трошат од залихите резервирани за американските трупи за можни конфликти на Блискиот Исток и во Азија.

Што е најважно, претставници на министерството за одбрана се загрижени дека блискоисточниот конфликт, како и тој во Украина во помала мера, ќе одвлече ресурси од пацифичкиот регион каде американската војска го пренасочува своето внимание во случај Кина да го нападне Тајван или ако спорот околу териториите во Јужно Кинеско Море „доведе до нешто поголемо“, пишува Њујорк тајмс.

„Постои потреба да има опрема и муниција за одвраќање во Тајван и Јужно Кинеско Море, а ако одвраќањето не успее, ќе мораме да се бориме“, вели Сет Џонс, виш потпретседател на Центарот за стратегиски и меѓународни студии. „Но во моментов не размислуваме за тоа. САД во моментов функционираат како да се мирнодопски услови, а не е така“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ