вторник, 22 октомври 2024

Николовски: Почнуваат активностите за изградба на ски-центар Царев Врв

По повод повторното активирање на проектот и почнувањето на првиот дел од активностите за изградба на ски-центарот Царев Врв, еден од најмодерните на Балканот, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во Штип се сретна со директорката и претставниците на Центарот за развој на источниот плански регион.

Објавено на

часот

Сподели

МЗШВ соопшти дека на средбата министерот го доставил известувањето за техничка поддршка за користење на средства од Програмата за рурален развој за 2023 година, со кое се означува стартот на почетниот чекор кон реалзиација на уште еден голем капитален проект за развој на североистокот, а тоа е изградбата на скицентарот Царев Врв.

„Во срцето на Осоговските планини, на надморска височина од 2085 метри токму на Царев Врв, ќе се гради модерен ски-центар, кој ќе биде еден од петте најголеми ски центри на Балканот.За реализација на овој проект подготвена е предфизибилити студија, која идентификува развој на поширокиот дел на Царев Врв, преку скицентар со изградба на 59 ски стази со вкупна должина од 59 километри, опслужувани од 9 жичари и 3 ски лифтови. Сместувачки капацитети со 5.600 кревети, како и придружни објекти со вкупна површина од 8.000 м2. Овој значаен проект отвора и нови работни места во планираниот ски центар, хотелските и угостителски обејкти, како и развој на придружните туристички населби Пониква и Калин Камен.

Советот за развој на Источен плански регион во 2019 година, до Владата достави иницијатива за номинирање на Царев Врв и Осоговските Планини за национален приоритет, со цел обезбедување на средства за потребните чекори до реализација и отпочнување со работа на ски центарот Царев Врв“, рече Николовски.

На заедничка иницијатива на министерството и центрите за развој на Источниот и Североисточниот плански регион, заедно со општините Македонска Каменица, Кочани, Крива Паланка, Пробиштип и Кратово во месец јуни 2023 година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој се обезбедија 6 милиони денари преку Програмата за рурален развој, за започнување на активностите за ажурирање на предфизибилити студијата.

Со овој меморандум се реализира првиот чекор кон реализацијата на скицентарот Царев Врв, преку ажурирање и дополнување на постојната физибилити студија со идеен проект, ажурирани геодетски подлоги, урбанисточко планирање со стратегиска оцена за влијанието на животната средина.

Овој ски-центар е проектиран да биде подобар и помодерен од центрите во Банско, Боровец, Брезовица, Копаоник, Стара Гора и Јахорина, соопшти МЗШВ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ