Тендерот е договорен помеѓу Електростопанство на Македонија односно Електрани на Македонија, подружница РЕК Битола и омилената компанија на власта Марковски компани на белорускиот почесен конзул, Борче Марковски, инаку рекордер во тендери во Македонија, додаде Николоски.
„Првото прашање кое што се поставува е зошто не е избрана најевтината понуда, а е прифатена понуда која што е за околу 30% повисока од најевтината понуда. Имено понудата која што е прифатена е во вредност од 129.7 денари по гига џул, а имало и понуда која што била 100 денари по гига џул. Имало три понудувачи и не е избран најевтиниот понудувач, туку е избран поскапиот понудувач, па јавно прашувам каде одат овие 30%? Дали одат само кај Борче Марковски или одат и во структурите на власта, од највисоко до најниско ниво?“, рече Николоски.
Тој постави прашање кој во власта планира да се опари и да има личен финансиски интерес од овој, како што рече, криминален тендер. Николоски презентираше уште еден документ и додаде:
„Владата носи одлука на 28.12.2023 година во која се вели дека во наредните 6 месеци Електрани на Македонија да не ги реализираат тековните и предвидени набавки за ископ на јаглен и помошна механизација, како и за секоја набавка над 30 милиони денари да ја информира Владата пред да донесе соодветна одлука.
Во тој документ им велат на Електрани на Македонија: Немојте да реализирате веќе потпишани договори за ископ на јаглен кои повторно се на Марковски компани и не потпишувајте договори кои се во вредност од над 500 илјади евра. А, веќе во средината на февруари РЕК Битола потпишува договор од фантастични 46 милиони евра.
Владата по само еден месец ја менува оваа одлука. Па сакам да прашам дали е ова дел од дилот помеѓу СДСМ и ДУИ каде во братската пљачка СДСМ ќе краде од РЕК Битола, а ДУИ ќе краде од увозот на јаглен. Затоа што во следниот период се очекува да се распише тендер за фантастични 100 милиони евра за увоз на јаглен. Значи, дали дилот е крадењето во РЕК Битола за СДСМ на заминување, а крадењето од увоз на јаглен за ДУИ на заминување.
И финално, клучно прашање што сакам да го поставам на оваа прес конференција е зошто директорите во РЕК Битола прво се противеле, а потоа се согласиле да го потпишат овој тендер. Нивните имиња се Пеце Матевски, директор на подружницата РЕК Битола, а под него се потпишани 5 имиња Златко Алексовски, Драги Крстев, Владо Котевски, Димитар Петковски и Васко Јосифовски. Зошто овие шестмина прво се противеле, а потоа решиле да го стават својот потпис на договорот со Марковски компани за криминален ископ на јаглен со цена 30 проценти повисока од конкуренцијата? Дали е тоа случајно? Или и тие се дел од добро разработена шема на крадење и ограбување на РЕК Битола и на Електростопанство на Македонија?
Сакам да им кажам и на Борче Марковски и на директорите во РЕК Битола и на директорот на Електростопанство, односно Електрани на Македонија, како и на врвните владини функционери кои се замешани во ова дека ова ќе е приоритет број еден на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ по следните претседателски и парламентарни избори. Ќе се истражи до точка и до запирка и сите до еден кои се вклучени во овој криминал ќе одговараат“, рече Николоски.