недела, 20 октомври 2024

Николоски: И за македонската Влада брзата пруга од Будимпешта до Солун е приоритет

Проектот за брза пруга од Солун до Будимпешта, преку Скопје и Белград, се враќа на маса во преговорите меѓу Македонија и Србија. Брза пруга на коридорот 10 е владин приоритет, велат од Министерството за транспорт по најавата за средба на српскиот министер Горан Весиќ со неговиот македонски колега Александар Николоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Стратешка цел на Владата е реализација на брза пруга Скопје – Солун и тоа е главен фокус на министерот. Тоа е една од основните визии на новиот министер и за таа цел министерот во следниот период планира интензивни разговори со сите релевантни фактори, планирани се состаноци со претставници од ЕУ и САД кои би можело да помогнат во делот на реализацијата на овој стратешки проект“, велат од Министерството за транспорт и додаваат дека се силно посветени за развој и модернизација на железничкиот систем и кон север и кон југ.

Веќе била формирана мешовита комисија меѓу Македонија и Србија, а во следниот период треба да се заврши документацијата околу проектирањето и сообраќајните анализи за најоптималната варијанта за коридор на трасата.

Во првата фаза се планира изградба на пруга од Скопје до Табановце и еден крак кој ќе води до Меѓународниот аеродром Скопје во должина од околу педесетина километри.

Србија веќе ја изгради брзата пруга од Белград до Нови Сад на која се вози 200 километри на час, а до крајот на годината планирано е да заврши изградбата на пругата до Суботица односно до унгарска граница, а во 2028 да заврши и брзата пруга од Белград до Ниш. Според најавите од српскиот министер се работи и на делницата од Ниш до македонска граница, за што Белград веќе има план да побара пари од ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ