Резултатот за присуство на птичји грип е добиен од Факултетот за ветеринарна медицина, по лабораториско тестирање на угината гуска.
„Од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста. Извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата“, соопштија од АХВ.
Агенцијата наредила и мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел да се сузбие болеста и спречување на нејзино ширења надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето.
Пред ова соопштение на АХВ, ЗОО Скопје соопшти дека ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ, инспекторите и лицата кои со оружје упаднале во зоолошката градина.
Последните случаи на птичји грип во Македонија беа регистрирани во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, местото Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош. Вирусот може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина.
Досега не е докажан случај на пренос на високопатоген сој од живина на луѓе иако е повеќе години во циркулација во земјите од ЕУ, соопштија од АХВ.