петок, 18 октомври 2024
Се огласи Јавното обвинителство

Невладини, адвокати, финансиска полиција, граѓани, алармирале за работата на Мерко

Објавено на

часот

Сподели

Според податоците на ЈОРМ има шест активни предмети против струшкиоt градоначалник, Рамиз Мерко.

Првата кривична пријава е поднесена на 26 април годинава од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Од обвинителството велат дека надлежниот обвинител постапува за да ги провери наводите од кривичната пријава.

Другата кривична пријава е исто така поднесена годинава, но освен Мерко во пријавата се опфатени уште двајца други граѓани.

„ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица веќе има испитани лица и редовно постапува. На 19 мај во ОЈО Струга е примен уште еден предмет. Пријавата се проучува и предистражната постапка е на почеток“, информираат од ЈОРМ.

Во предистражна постапка е и предметот што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го работи од 2022 година, а по кривична пријава од група адвокати против тројца ќуќе, меѓу кои и Мерко, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги.

Веќе четири години во предистражана постапка е и предмет по анонимна кривична пријава за кривични дела, злоупотреба на службена положба и овластување и измама против Мерко и повеќе други луѓе, поврзано со експропријација на земјиште во Струга.

„По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈО ГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка“, велат од ЈОРМ.

Шестиот активен случај е од 2015 година. Обвинителството веќе осум години постапува по пријавата од Управата за финансиска полиција (УФП). Пријавата се однесува на Мерко и на уште тројца други луѓе.

„Обвинителот што постапува во предметот издал наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител сѐ уште го чека постапувањето по наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година“, известуваат од ЈОРМ. 

Освен конкретно наведените, од ЈОРМ велат дека во текот на изминатите години против Мерко се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции.

„Јавното обвинителство исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“, велат од ЈОРМ.

Но освен активните во обвинителството постојат и истраги кои што веќе се затворени.

„Има и затворени предмети против градоначалникот Мерко, но тоа се повеќе години наназад. Обвинителството ќе го проверува и постапувањето по овие предмети по што јавноста ќе биде известена“, велат од ЈОРМ.

Но МКД.мк од правосудни извори неофицијално дознава дека досега против Мерко се поднесени дваесетина пријави од кои само една стигнала на суд но за неа нема правосилна пресуда.

Американксиот Стејт департментот го прогласи струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко за непожелна личност за влез во САД:

Во пишаната изјава на портпаролот Метју Милер се вели дека градоначалникот Мерко се прогласува за непожелна личност за влез во САД, поради негова вмешаност во значајна корупција. 

„За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото“, пишува во соопштението.

                                                                                                                                            И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ