Нетанјаху во интервју за Скај њуз ги отфрли напорите на САД за решавање на кризата само преку дијалог.
„Не мислам дека дипломатијата сама ќе функционира. Мислам дека дипломатијата може да успее само ако е комбинирана со веродостојна воена закана или волја да се користи воената опција доколку заплашувањето не успее“, рече израелскиот лидер.
Тој предупреди дека „Иран е отворено посветен на уништување, повторување на холокаустот и уништување на шест или седум милиони израелски Евреи“ и дека нема да седи со скрстени раце и да им дозволи на Иранците да го направат тоа.
„Ајатоласите мислат дека можат да ни се заканат со нуклеарен холокауст. Тие грешат. Ќе направиме сѐ што е потребно за да се одбраниме“, рече Нетанјаху.
Израелскиот премиер, исто така, ги коментираше шпекулациите за потенцијален мировен договор со Саудиска Арабија, велејќи дека таа земја е од витално значење и дека има „големи можности за унапредување на мирот во регионот“.
„Мислам дека тоа би ја променило историјата“, рече Нетанјаху, објаснувајќи дека Саудиска Арабија не е само највлијателната арапска земја во арапскиот свет, туку и во муслиманскиот свет, а мирот со неа ќе придонесе за крај на израелско-арапскиот конфликт и ќе помогне во решавањето на израелско-палестинскиот конфликт.
Нетанјаху зборуваше и за демонстрациите против судските реформи во Израел предложени од неговата влада и за преговорите за компромис.
Тој рече дека не е сигурен дека ќе има компромис.