петок, 25 октомври 2024
Ултрадесничари, неонацисти, екстремисти, ксенофоби...

Не само Германија – целата Европска Унија врти надесно

Објавено на

часот

Сподели

Шпанија беше нешто како последниот бастион на левицата во Европската Унија, но и таа падна пред точно еден месец. На локалните и регионалните избори во таа земја, владејачката левичарска алијанса на претседателот Педро Санчез беше строго казнета. Тој освои само 28 отсто од гласовите, што е процент помалку од претходно. Премиерот потоа распиша нови избори за 23 јули.

Победник во Шпанија е конзервативната народна партија ПП со освоени 31 отсто од гласовите и нејзината нова надеж: Изабел Дијаз Ајусо од Мадрид. Во нејзините необични настапи, таа се подбива со феминизмот, родовата еднаквост, заштитата на малцинствата, со правата на транс-лицата и со заштитата на климата. А десничарската екстремистичка партија Вокс, со освоени седум проценти од гласовите (за четири проценти повеќе од претходно), веројатно во иднина ќе биде вклучена во власта во многу општини и автономни региони.

И не случајно меѓу првите им честиташе Виктор Орбан. Тој е воодушевен што во Шпанија напредува „десничарската реконквиста“.

Унгарија: Орбан како „пример“ за цела ЕУ

Унгарскиот премиер е пример за оние што ја придвижуваат Европската Унија надесно. Тој во април минатата година го обезбеди четвртиот последователен мандат, иако опозицијата излезе на избори сплотена и сметаше на промена на власта.

Во 2014 година, Орбан и неговата десничарска националистичка партија Фидес прогласија „нелиберална демократија“ po рускиот модел. Ксенофобичните тонови со години се составен дел од програмата на неговата влада. Своето одбивање да прифати бегалци Орбан го оправда со тоа што Унгарците „не сакаат да станат мешана раса“ и дека мултикултурните западноевропски земји „повеќе не се нации“.

Франција: Лепен е подискретна

Веднаш по изборната победа на Орбан пред една година, Марин Ле Пен побрза да ѝ честита на Будимпешта. На парламентарните избори пред една година, нејзината екстремно десничарска Национална партија успеа да го зголеми бројот на пратеници во парламентот со 577 места на 89. Претходно, во 2017 година, освои само осум места.

Лепен е неуморна, сè повеќе настапува државнички и на тој начин продолжува со својот долгорочен проект – да се пресели во Елисејската палата.

Следниот чекор кон таа цел би бил победа на европските избори во 2024 година, на кои последните два пати освојуваше околу 24 отсто од гласовите. Таа цел веќе не изгледа недостижна, бидејќи веќе десет години сѐ повеќе Французи гласаат за екстремната десница.

Италија: Мелони и Мусолини

Џорџа Мелони не мораше да чека толку долго. Нејзината десничарско-екстремистичка и во фашизмот вкоренета партија Италијански браќа се појави речиси од нигде-никаде и откако освои 26 отсто на парламентарните избори во септември 2022 година, таа стана првата жена на чело на владата на Италија.

На грбот на нејзината партија има зелен, бел и црвен пламен. За италијанската десница тоа е симбол на вечниот пламен на гробот на Мусолини.

И воопшто, тој Мусолини – тој е „комплексна личност што мора да се гледа во контекст“, вели Мелони, жена што својата политичка кариера ја почна во неофашистичка младинска организација.

Шведска: популистите, втора најјака сила

Џими Акесон, лидерот на десничарските и популистички Шведски демократи, најпрво долго време се занимаваше со политика, а дури подоцна сврте надесно. Во неговите помлади години важеше за умерен политичар.

Денеска во стилот на Доналд Трамп сака „да ја направи Шведска повторно голема“. На минатогодишните парламентарни избори, партијата основана во 1988 година од членови на десничарската екстремистичка сцена успеа да стане втората најголема политичка сила. За нив гласаа 20,5 отсто од Швеѓаните.

А за Акесон, муслиманите се „најголемата закана за Шведска од Втората светска војна“.

Финска: „Прво Финците“

Тие веќе долги години најуспешни популисти во Скандинавија одамна имаат и имитатори – на пример во соседна Финска. Таму Вистинските Финци освоија 20 отсто од гласовите и влегоа во владата, во коалиција со уште три партии. Тие имаат седум места во кабинетот, а лидерката Рика Пура е министер за финансии.

Таа жена, која некогаш гласаше за Зелените, сега сака да ја врати Финска на „вистинскиот пат“. Со „промена на парадигмата“ за прашањето за мигрантите, квотата за бегалци треба да се намали на 500.

Словачка: неонацисти во парламентот

Во исто време, Рика Пура е „мало дете“ во споредба со Марјан Котлеб. Тој водач на неофашистичката Л’СНС е меѓу најрадикалните неонацисти во Словачка. Ова е човек што сака поддржувачите да го нарекуваат „фирер“ и кој поттикнува атмосфера против Ромите, Евреите и хомосексуалците. Тој беше осуден во 2022 година на условна казна за „промовирање идеологија што ја загрозува демократијата“ и мораше да се откаже од својот мандат во националниот парламент.

Сепак, тоа не влијаеше на успехот на неговата партија во минатото. На парламентарните избори во 2020 година со освоени осум проценти од гласовите таа обезбеди 17 мандати. На вонредните избори на 30 септември неонацистичката партија смета на уште повеќе гласови.

Грција: голема промена надесно

Во меѓувреме, на изборите во Грција оваа недела победи конзервативниот премиер Кирјакос Мицотакис. Но резултатот може да се опише и вака: Грција врти надесно.

Десничарската популистичка Елиники лиси (Грчко решение), ултранационалистичката и ултрарелигиозна Ники (Победа) и Спартанците, како наследници на неонацистичката партија Златна зора, која беше забранета во 2020 година – вкупно со речиси 13 отсто од гласовите влегоа во грчкиот парламент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ