петок, 25 октомври 2024

НАТО го претвори Вилнус во тврдина (ФОТО+ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Шеснаесет членки на НАТО испратија речиси 1.000 војници за да го штитат самитот од 11 до 12 јули, кој ќе се одржи на само 151 километар од Русија. Многу земји испраќаат и напредни системи за противвоздушна одбрана што им недостигаат на балтичките земји, пренесува Ројтерс.

„Би било повеќе од неодговорно нашето небо да биде незаштитено додека пристигнуваат Бајден и лидерите на 40 земји“, изјави литванскиот претседател Гитанас Науседа.

Балтичките земји Литванија, Естонија и Летонија, некогаш под власт на Москва, но од 2004 година дел од НАТО и Европската Унија, трошат над 2% од своите економии за одбрана, што е поголем дел од повеќето други сојузници на НАТО.

Но за регионот со вкупно население од околу 6 милиони луѓе, ова не е доволно за одржување големи војски, за инвестирање во сопствени борбени авиони или напредна воздушна одбрана.

Германија распореди 12 ракетни фрлачи Патриот, кои се користат за пресретнување балистички и крстосувачки ракети или воени авиони.

Шпанија го донесе системот за противвоздушна одбрана НАСАМС, Франција испраќа самоодни хаубици „Цезар“, Франција, Финска и Данска распоредуваат воени авиони во бази во Литванија, а Обединетото Кралство и Франција носат средства против беспилотни летала.

Полска и Германија испратија сили за специјални операции засилени со хеликоптери. Други испраќаат средства за справување со какви било потенцијални хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни напади.

Според Науседа, сојузничките напори да ја осигурат воздушната безбедност за време на собирот на лидери значи дека НАТО треба итно да воспостави постојана воздушна одбрана во балтичките земји.

„Размислуваме што ќе се случи по завршувањето на самитот и ќе работиме со сојузниците за да создадеме ротирачка сила за постојана воздушна заштита“, им рече тој на новинарите.

д

Немаат „м*да“

Во селата до границата со Белорусија, локалното население за Ројтерс вели дека се чувствуваат целосно безбедно, и покрај тоа што рускиот сојузник ја прими руската приватна милиција Вагнер и руско нуклеарно оружје.

„Дали мислите дека Вагнер или Белорусија би можеле да ја нападнат Литванија, која е во НАТО? Тие немаат м*да. НАТО е НАТО, а ние се чувствуваме безбедни затоа што сме во НАТО. Зошто би се плашеле од тие Белоруси?“, вели Едвард Ринкун, 67, во Каниукаи, село на 1 км од Белорусија.

„Да беше Литванија сама, ќе се чувствував поинаку“, додаде тој. „Ако не беше членството во НАТО, работите овде веќе можеа да бидат исти како во Украина“, рече Елена Тарашевич (55), сосетка на Ринкун.

На аеродромот во Вилнус, осум ракетни фрлачи Патриот, управувани од Германија, стојат со носевите вперени кон руски Калининград. Уште два се вперени кон Белорусија. Сите фрлачи беа оперативни од петокот наутро.

„Знаете каде се наоѓате географски и добро знаете од каде доаѓа заканата“, вели потполковникот Штефен Либ, командант на Патриот.

„Литванија побара од нас заштита на самитот, а НАТО побара помош од Германија. Ова е нашиот одговор“, додаде тој.

Тројно повеќе

Литванија тројно го зголеми распоредувањето на граничарите на границите на Белорусија и Русија за летово, зајакнато со офицери од Латвија и Полска. Двете земји испратија и полиција да помогне во патролирањето низ Вилнус.

„Се подготвуваме за разни провокации“, рече началникот на граничната полиција Рустамас Либајевас. Тој додаде дека се плаши од мигрантски бранови на границата, или од пробивање на границата или од воени возила што се појавуваат на границата без објаснување.

Илјадници мигранти од Блискиот Исток ја преминаа границата со Белорусија во 2021 година, за што Литванија и Европската Унија велат дека било оркестрирано од Минск, обвинение што тој го негира. Бројките оттогаш се намалија.

„Ситуацијата е навистина многу напната, поради агресијата на Русија против Украина. Така, (заштитата на границите) веќе беше на многу, многу високо ниво (пред самитот)“, рече Либајевас.

За самитот беа повторно воведени граничните проверки на литванските граници на Европската Унија со Полска и Латвија.

Градоначалникот на Вилнус им предложил на граѓаните да заминат на одмор надвор од градот ако сакаат да ги избегнат блокадите, бидејќи големи делови од центарот на Вилнус ќе бидат затворени за самитот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ