„Согласно надлежностите, отворивме предмет по сопствена иницијатива. Ќе ги преземеме сите мерки за испитување на случајот, имајќи предвид дека немаме директна претставка директно од родителот како би можеле да ги добиеме основните податоци. Но и овие се доволни за да иницираме постапка. Да бараме од надлежните органи да се направи надзор над работата на установата и секако да бараме соодветни информации за изнесени наоди на родителот преку медиумите за начинот на којшто детето беше третирано додека било сместено во установата“, истакна Васка Бајрамовска Мустафа.
Таа потсети дека лани исто така реагирала за здравствената установа од Демир Хисар за тамошните општи услови за третман.
„Институцијата Народен правобранител вршејќи го мандатот на национален превентивен механизам, посетувајќи ја оваа установа мината година излезе со остри осуди или критики за условите во коишто се генерално сместени лицата во установата и со соодветни препораки за тоа што треба да се преземе и во која насока, бидејќи нешто што не треба да дозволиме е нехуман однос, или сместување на граѓани во несоодветни услови. Верувам дека што поскоро ќе бидат преземени мерки со цел ваквите установи да бидат места на хуман третман и однос и кои ќе одговорат на стандардите кои ги налагаат меѓународните конвенции, бидејќи во спротивно кршиме многу права, кршиме многу и закони и конвенции кои ги имаме ратификувано како држава“, посочи Васка Бајрамовска Мустафа.
Бајрамовска Мустафа денеска учествуваше на панел-дискусија на тема „Политичко учество на лицата со попреченост“.
Салка Абдуловска, мајка на 17-годишно момче Анес кој е дете со аутузам вчера во изјава за дел од медиумите се пожали дека нејзиниот син бил врзуван со синџири во Психијатриската болница во Демир Хисар и дека од тоа има рани на рацете и нозете. Министерот за здравство, Фатмир Меџити за ова изјави дека нема ништо спорно во овие методи и рече дека се дел од протоколите за да им се даде терапија на пациентите.