Сè уште не се познати обемот на штетата и бројот на жртвите ден по земјотресот. Бројот на загинатите се искачи на 48, потврди јапонската управа за управување со катастрофи, но може дополнително да се зголеми бидејќи спасувачките напори продолжуваат, рекоа официјални лица. Спасувачките екипи дури сега се пробиваат кон подрачјето што најмногу настрада.
Силниот земјотрес што вчера ја погоди централна Јапонија уништи згради, го прекина напојувањето на десетици илјади домови и ги принуди жителите на некои крајбрежни области да се засолнат на повисоките места. Земјотресот со јачина од 7,6 степени предизвика бранови високи околу еден метар долж западниот брег на Јапонија и бреговите на соседна Јужна Кореја.
Тоа беше најсилниот земјотрес во регионот во повеќе од четири децении, соопшти Американскиот геолошки институт.
Домови се уништени, избувнаа пожари, а војници беа испратени да помогнат во спасувачките операции, изјави за медиумите владиниот портпарол Јошимаса Хајаши.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида доцна во понеделникот им изјави на новинарите дека ги упатил тимовите за пребарување и спасување да направат сѐ што можат за да спасат животи, но пристапот до погодената област е отежнат поради блокираните патишта.
Агенцијата на царското семејство соопшти дека по катастрофата најавеното новогодишно појавување на императорот Нарухито и царицата Масако денеска ќе биде откажано.
Повеќе од 35 последователни потреси со јачина од повеќе од 2,5 степени според Рихтеровата скала го погодија епицентарот на Јапонија во изминатите 24 часа, според геолошките податоци на Американскиот геолошки институт (УСГС). Од овие последователни потреси, еден бил над 6,0, 12 биле со јачина од 5,0 или поголеми, а 22 биле над 4,0. Сеизмолозите на УСГС предупредија дека последователните потреси може да траат со месеци.
Спасувачите се борат да извлечат уште преживеани од урнатите згради, отежнати од тешко оштетените и блокирани патишта.
„Водеме трка со времето за да ги спасиме луѓето“, рече премиерот Кишида. „Потврдена е многу голема штета, вклучително и многубројни жртви“, рече тој, додавајќи дека спасувачите имаат потешкотии да стигнат до северниот врв на полуостровот Ното.
Покрај многуте домови без струја, многумина се и без вода за пиење.
Земјотресот доаѓа во чувствителен период за јапонската нуклеарна индустрија, која се соочи со жестоко противење од некои локални жители откако земјотресот и цунамито во 2011 година предизвикаа катастрофа во нуклеарната централа Фукушима.
Јапонија минатата недела ја укина оперативната забрана воведена во најголемата нуклеарна централа во светот Кашивазаки-Карива, која е надвор од функција по цунамито во 2011 година.
Агенцијата за нуклеарна регулација соопшти дека не се потврдени никакви неправилности во нуклеарните централи долж Јапонско Море.