Кој може да учествува на повикот?
На повикот можат да учествуваат сите ученици од основните училишта во Македонија.
Што треба да направиш?
Цел: Видео со должина до 5 минути.
Како да стигнете до целта: ВИДЕОПРЕЗЕНТАЦИЈА во која ќе се снимиш како презентираш: 1) твој текст со научна содржина; 2) научен концепт; 3) научен експеримент; 4) приказна за твојот омилен научник; 5) осврт за книга со научна или научно-фантастична содржина; 6) репортажа од научен настан; 7) твоја оригинална замисла за презентација поврзана со наука.
…и испратете ни го видеото на: [email protected] со основни податоци: име и презиме, одделение, училиште, град и телефон за контакт.
Што ќе добие победникот?
Најдобриот презентер ќе биде избран од стручна комисија во која ќе членуваат истакнати новинари и научници. Наградата е во вредност од 500 евра и ќе биде доделена за време на третата конференција „Наука за деца“ (18-19 октомври 2024).
Дополнително, наградениот ќе добие и можност за менторирање од страна на наши врвни новинари. Тој или таа ќе може да се запознае со новинарската работа и да ги продлабочи своите презентерски способности, со тоа што ќе биде вклучен(а) во редакцијата на наш познат медиум.
До кога е рокот за аплицирање?
Повикот за аплицирање за наградата е отворен од 15 јуни до 15 јули, така што твоето видео можеш да ни го испратиш до 15 јули на полноќ.
За Александар Стиков
Александар Стиков (1947-2023) е доајен на македонското спортско новинарство. Како новинар, репортер и уредник, тој целиот свој работен век го помина во Македонското радио. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.
Известуваше од седум Олимписки игри, безброј фудбалски натпревари, кошаркарски, ракометни, одбојкарски мечеви, а пренесувал и натпревари во бокс, борење, атлетика, хокеј, кајак, зимски спортови… Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и престижниот трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.