четврток, 28 ноември 2024

На 7 декември „Македонија во срце те носиме“

Има една земја сонце што ја грее, оди таму, в’ срце земи ја, слушни вечна песна таму што се пее: Нека живеј Македонија! дел од стиховите на една од трите најавени нови преработки со наслов „Има една земја“, а која ќе биде отпеана на концертот „Македонијо во срце те носиме“ закажан на 7 декември во 20 часот во Филхармонија.

Објавено на

часот

Сподели

Песната е со потписот на Григор Копров, а е отпеана во далечната 1986 година од страна на легендарниот Гоце Николовски и се нашла на албумот што го носел неговото име. Песната носи моќни стихови, а во себе крие и интересна приказна за тоа како станала дел од опусот на Николовски, кој во тоа време живеел во Ниш, пеел шлагери и бил дел од една од легендарните нишки групи, познатите Далтони. Набрзо влегол во етно водите и светот на народната музика, а токму со Копров работел на споменатиот албум кој бил издаден за РТВ Словенија. Всушност тоа бил неговиот прв фолк албум.

„Кога го побаравме Копров беше изненаден што некој воопшто се сетил на оваа композиција која одлично се вклопува во целата наша приказна што ја раскажуваме во изминатите две години. На сцената на Филхармонија сега ќе биде отпеана во дует и тоа од Сузана Спасовска и Александар Тарабунов“, велат од Скендеровски продукција, организатори на оваа убава приказна која се раскажа во сите поголеми градови ширум земјата.

Освен „Има една земја“, веќе добро познатите 12 нумери кои публиката имаше можност да ги чуе, на сцената ќе ја чуеме и „Молитва“ на авторот Миле Барбаровски, а што ќе ја отпее Бојана Скендеровски. За преработките, но и оркестрациите ќе се погрижи маестро Николче Мицевски, додека симфонискиот оркестар ќе музицира под диригентската палка на Сашо Татарчевски.

Влезниците се продаваат преку мрежата на www.kupikarta.com по цени од 1.000 и 1.400 денари, а организаторите откриваат дека сите средства од продажбата ќе бидат насочени во хуманитарни цели. Низ целиот музичко-драмски перформанс, пак, публиката ќе ја води актерот Дејан Лилиќ.

Дел од најубавите македонски патриотски песни ќе ги изведат Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, ДНК, Наум Петрески, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Андријана Јаневска, Марија Спасовска, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ