петок, 18 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Митот за дипломатските примања (или, што е разликата помеѓу дипломатот и докторот?)

Припадниците на македонската дипломатска служба се вработени во Министерството за надворешни работи. И покрај бројните специфичности на работата и стручните предуслови кои што далеку ги надминуваат барањата за работа во јавната администрација, за разлика од Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, вработените во МНР немаат посебен статус, туку се дел од домашната јавна администрација. Со тоа, тие законски ја споделуваат судбината со целата администрацијата, како во поглед на правата и должностите, така и во поглед на дисциплинските мерки и примањата.

Податок кој Министерството нема да ви го даде и го крие како змија нозете е дека просечната нето плата во МНР изнесува помалку од 28.000 денари. Таа не е сменета последните десетина години и покрај тоа што инфлацијата од тогаш до сега барем дупло ја обезвреднила вредноста на парите. Евидентен показател за масовно печатење се ганц новите банкноти што се почесто ги добиваме во банките и од банкоматите.

Да, просечната плата на дипломатите изнесува барем 7.000 денари помалку од просечната плата во Македонија. Или, во проценти, околу 80 проценти од просечната плата во Македонија. Всушност, таа е некаде на пола пат помеѓу минималната и просечната плата. И да, кој треба да се засрами за ова, ако не првиот човек на МНР кој воопшто не е заинтересиран да го покрене ова прашање на Влада, иако е должен како прв човек пред се да се грижи за сопствената куќа.

Прашањето, како тоа се очекува нашата дипломатија да биде барем просечна, ако веќе не е натпросечна, во услови кога од државата е вреднува потпросечно, ќе го оставиме за некоја друга прилика. Денеска зборуваме за бројки, а заклучоците влечете ги самите.

Дипломатските плати никогаш не биле високи, но денеска, кога на пазар не можете да најдете ништо под 200 денари за кило, јасно е дека со 28.000 денари вработените во МНР месечно не можат ни да се облечат согласно стандардите на професијата. Веројатно поради тоа никој веќе не се ни чуди што мнозинството вработени во МНР одамна на работа не доаѓа во пристојни костуми, кошули и вратоврски, туку како на пазар, во фармерки, блузичиња, патичиња и слично. Само добар професионален костум чини колку една плата, а каде се чевлите, кошулите, краватите? За домашните трошоци, сметки и храната да не зборуваме…

За споредба, просечната плата на вработените во МНР од 28.000 денари е помала од таа на вработените, на пример во КАМ, кој нивните 1144 продавачки, магационери, возачи, чистачки и слично во просек ги плаќа 29.474 денари. Повеќе од просечната плата на дипломатските работници. Денес е попрофитабилно да бидеш продавач во самопослуга отколку дипломат.

Со оглед на одлуката на Уставниот суд, функционерското покачување од 78 проценти според мое сознание го добиле само две лица во МНР. Министерот и државниот секретар. Се по закон и устав. Но не и според совеста, разумот и етиката. Да имаа вработените барем 50-на илјади просечна плата верувам немаше да ги интересира колкава е платата на функционерите. Но, кога не стига за храна, сметки и облека, тогаш 130-те илјади денари (ви се верува ли дека Османи сè уште не ја имал видено колкава му е ?!) на министерот и 110-те илјада денари на државниот секретар месечно навистина изгледаат неморални и високи колку Монт Еверест. Ако тука ги додадеме дневниците за службени патувања (кои патувања за вработените инаку се максимално рестриктивни, зашто „нема пари“), функционерите во МНР ги зголемуваат своите примања за уште 1.000 до 2.000 евра. Со тоа можат да стигнат и преку 200.000 денари месечни примања. Осум пати повеќе од просечните примања на своите „колеги“ во куќата. Премногу, верувам дека секој ќе се согласи.

Сепак, никој се уште не забележал дека некој од нив двајца се засрамил кога влегува во зградата на МНР и ги погледнува колегите во очи. А можеби токму и поради тоа на вработените им е забрането да влегуваат на предниот, службен влез (како да не се државни службеници), туку влегуваат на задна врата, како за послуга. За да не морат да се сретнат и да ги гледаат? Полесно е веројатно за совеста, доколку се има.

Кога дипломатските службеници одат на три годишен мандат на работа во странство, ситуацијата се менува. Во таков случај тие добиваат специјален додаток за работа во странство, бидејќи е јасно дека со платата не би можеле да опстојат ни пет дена. Но сепак, платата им останува иста, 28.000 денари во просек, за време на целиот период додека се во странство. На таа сума се формираат сите давачки за пензиско, здравствено и инвалидско осигурување.

Додатокот за работа во странство варира од држава до држава на прием, во зависност од тамошниот животен стандард. Според висината на овој додаток, примањата на нашите дипломатски работници се убедливо најниски во Европа. Дури и Албанија, која претходно со години каскаше зад нас, сега нè има солидно престигнато. За Косово, Црна Гора и Србија да не зборувам. Тие веќе далеку ни избегаа. Згора на тоа, дипломатските работници самите си ги плаќаат сметките за струја, вода, греење и слично и немаат ама баш никакви привилегии при враќање во земјата доколку со себе носат мебел или автомобил, без кои се разбира таму не би можеле да живеат и се принудени да ги купуваат.

Соодветна на висината на платите е и висината на пензиите на дипломатскиот работник кога заминува во пензија. Но, пензиите се толку ниски што навистина не ми е пријатно да го објавам износот на просечната пензија и со тоа дополнително да ги понижам и онака потценетите пензионираните дипломатски работници. Само ќе навестам дека и најмалата пензија, како и најголемата, амбасадорска пензија, во моментот започнуваат со бројката 2 (и со букви ДВА).

Еден од битните елементи за враќање на дигнитетот на нашата дипломатија е и нејзиниот соодветен третман. Не само финансиски. МНР не смее да биде фасада за самоволието на некој министер, а вработените да се злоупотребуваат за покривање на гревовите на министерот, како примерот со францускиот предлог, кога Османи јавно лажеше дека високите дипломати го проучиле предлогот, сугерирајќи имплицитно дека со тоа му дале пас истиот да го прифати.

МНР е високостручна служба со која не може да се изедначува ниту еден поединец, било тој да се вика Никола или Бујар и како таква треба да биде соодветно вреднувана и платена. Сето останато е срамно и недостојно за меѓународен субјект што се нарекува држава.

Инаку, актуелно прашање во моментот во МНР е: Што е разликата помеѓу дипломатот и докторот? Се разбира, Бујар Османи.  Одговор: 100.000 денари месечно!

                                                                                                                        Зоран Дабиќ, амбасадор

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ