недела, 17 ноември 2024
Изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: Без лидерска средба можна е уставна криза, може и Џафери да иницира средба за изборите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека е време за лидерска средба, која би можел да ја иницира и претседателот на Собранието Талат Џафери, во спротивно вели можна е уставна криза. Мицкоски вели дека го слушнал ставот на премиерот, а кој денеска отфрли можност за лидерска средба повикувајќи се на законски одредби и рамноправно учество на сите политички субјекти на изборите.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние за неколку месеци од денеска ќе имаме исклучително два значајни изборни процеси. Едниот се претседателските избори, прв и втор круг, а вториот се парламентарните избори. Мислам дека на неколку месеци пред тие изборни циклуси да нема никаква активност е навистина неодговорно и тоа за првпат можеби се случува на македонската политичка сцена и затоа јас излегов со предлог идеја за лидерска средба. Ги слушнав одговорите од официјалните лица, од Артан Груби и Димитар Ковачевски за тоа што мислат тие за тоа. Но, кога зборувам за лидерска средба мислам на лидерска средба во формат во кој што ние ќе разговараме за дати за избори бидејќи можеме да влеземе во уставна криза и потоа процесите да бидат уставно предизвикани, а да бидам попрецизен да бидат и неуставни“, изјави Мицкоски на новинарско прашање при денешната посета на Велес во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените”.

Мицкоски додаде дека, една ваква лидерска средба може да биде организирана и од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Затоа ценам дека на неколку месеци пред избори добро е да се седне на една лидерска средба каде што ќе има претставници од Владата, претставници од опозицијата. Еве бидејќи ги спомнуваат институциите ќе им дадам еден предлог. Нека биде организатор Талат Џафери, нека биде тоа и во парламентот, и таму ќе дојдам да разговараме за можните дати за избори бидејќи, во меѓувреме, треба и сите ние да сме свесни дека два големи верски празници како што е Рамазан и Велигден, а на тие празници им претходат и постови, така што мора да го подготвиме амбиентот за да имаме навистина еден фер изборен процес“, потенцира Мицккоски и додаде дека очекува разум и одговорност од власта.

Мицкоски смета дека ДДВ-то за дел од прехранбените производи се зголемува затоа што недостигаат пари во Буџетот поради тоа што, рече, власта троши пари за сомнителни тендери.  

„Јасно е тоа што го зборувавме и тогаш и сега, излегува дека е точно оти им недостасуваат пари во Буџетот, а им недостасуваат затоа што го трошат немилосрдно Буџетот за проекти за коишто шајка не е закована. За еден таков проект потрошија повеќе од 200 милиони евра, но за жал немаме ниту шајка заковано и затоа сега им требаат уште пари за тендери во четири очи, за провизии за кои што се враќаат. Јавна тајна е дека човек фирма со ташничка шетаат низ Македонија и нудат работа за тој проект, а за сметка на тоа бараат огромни провизии. Овие информации стигаат до нас. Јас ги повикувам надлежните органи тоа да го проверат и истражат, доколку тие тоа не го направат, следната влада на ВМРО-ДПМНЕ сериозно има намера да се занимава со овие девијантни однесувања“, рече Мицкоски при денешната посета на Велес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ