„Светите Кирил и Методиј со своето дело ја задолжија не само сесловенската, туку и европската и светската култура и на тој начин со златни букви се запишаа во историјата и националната меморија на целиот словенски род.
Нивната посветеност е пример дека ниедна цел не може да остане недостижна, доколку силно се вложиш и макотрпно работиш. Со својата просветителска работа, преведувањето на мноштво книги на старословенски, но пред се создавањето на глаголицата како словенска азбука, тие станаа факелот кој го осветли патот на милиони Словени и на тој начин ги спаси од асимилацијата која тријазичната ерес сакаше да им ја наметне.
Нашата гордост како Македонци е дотолку поголема, што нивниот темел на старословенскиот јазик како основа на нивната дејност, беше говорот на македонските Словени од околината на Солун. Македонскиот јазичен извор ја напои жедта на целиот словенски род и на тој начин ги спаси од одродување.
Нам, како генерација ни преостанува да го чуваме нивното дело и да бидеме горди на нивната работа која повеќе од еден милениум живее како тука во Македонија, така и речиси во половина Европа“, вели Мицкоски во свое и во име на партијата која ја раководи во честитката до граѓаните на Македонија.