сабота, 26 октомври 2024

Меѓу министри, лекари, директори ќе се бара новиот владетел на тронот на СДСМ

Актуелни и поранешни функционери на СДСМ меѓу кои има министри, лекари, директори се меѓу потенцијалните кандидати за наследник на Димитар Ковачевски кој вчера поднесе оставка од функцијата претседател на СДСМ. Она што засега со сигурност се знае е тоа дека министерката за одбрана Славјанка Петровска има амбиција да стане претседателка на СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

Откако сега веќе поранешниот претседател Стево Пендаровски иако ги загуби изборите но сам собра повеќе гласови отколку што СДСМ како патија собра на неодамна завршените парламентарни избори, сѐ поизвесно е дека кај Пендаровски се разбудија амбициите да биде следниот претседател на СДСМ. Тој на претседателските избори што се одржаа на 24 април и 8 мај освои 251.899 гласови. А на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај годинава СДСМ доби 154.444 гласа. Иако Пендаровски не е член на СДСМ сепак, извори за МКД.мк велат дека поради изборниот резултат не е исклучено Пендаровски да се вмеша во трката за претседател на партијата.

Според извори на МКД.мк токму ова била една од причините што по завршувањето на изборите, сите досегашни претседатели на СДСМ освен Бранко Црвенковски се собрале на заедничка вечерва, а главна тема била кој да го наследи Ковачевски. Освен него кој вчера поднесе оставка од функцијата, на средбата биле Зоран Заев, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.

Но амбиции да седнат на тронот на СДСМ имаат и повеќе актуелни и поранешни функционери на партијата.

Иако поранешниот претседател на СДСМ Зоран Заев го нема ниту во јавноста ниту во својата партија како порано, сепак повеќе од јасно дека тој ќе се обиде да ја раководи партијата оддалеку и тоа преку поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. Впрочем токму Филипче беше носител на листата во изборната единица 4 со што освои и пратенички мандат, изборна единица каде што припаѓа самиот Заев. Неофицијалните информации говорат дека на Филипче му требаше токму ваков ангажман за да може одблиску да се запознае со состојбите во партијата. Иако парламентарните избори завршија, сепак Филипче продолжува со теренска работа. Тој вчера на својот фејсбук профил се пофали дека бил на средба со жителите на Неготино.

Како што ветив во предизборието, започнувам средби со членовите на СДСМ и граѓаните низ целата држава. Првата средба ја имав во Неготино. Граѓаните ги споделија своите мислења за тоа каков СДСМ сакаат да видат во иднина и кои се очекувањата од новото раководство и пратениците. Членовите бараат пред сѐ поголемо присуство, комуникација и координација на новото раководство и пратениците со членовите. Ова бил и ќе биде мој начин на работа и практикување на политиката. Единство се постигнува само со почитување на мислењата на другите, со многу работа и трпеливо градење на доверба. Мора да ги вреднуваме нашите поддржувачи и да им овозможиме нивно активно учество во градењето на политиките. Нивната стручност и посветеност треба да се единствено мерило за напредување во партиските органи“, напиша Филипче на фејсбук.
Уште еден близок човек до Заев, пораншниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски има амбиции да го преземе претседателското столче во СДСМ откако тој не успеа да се наметна во својата партија и да биде кандидиран за претседател на Македонија. Ова дотолку повеќе што Спасовски јавно се спротивстави на дел од ставовите на Ковачевски како што беа измените Кривичниот законик, но и за отворањето на рудниците во струмичко.

Претседавачката на Централниот одбор на СДСМ и сѐ уште актуелна министерка за одбрана, Славјанка Петровска е единствената која не ги крие амбициите дека сака да ја преземе партијата за која, се согласуваат сите, треба да претпри суштински реформи пред сѐ во човечкиот потенцијал на партијата. Таа потврди дека размислува да се кандидира за функцијата претседател на СДСМ.

„Размислувам да се кандидирам за претседателка на СДСМ, но конечната одлука ќе ја донесам откако ќе биде започната постапката“, изјави Петровска.

И директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски е прилично јасен. Иако не потврдува сепак тој ниту демантира дека сака да биде на чело на СДСМ. Тој еднаш се испроба во борбата за преземање на тронот на СДСМ, но тогаш изгуби од Зоран Заев. Тој оставката на Ковачевски ја оцени како задоцнет, но вистински чекор.

„Како член на СДСМ вчера добив информација дека партискиот претседател има поднесено оставка, што е задоцнет чекор, но чекор во вистинска насока. Мораше да се случи многу порано. Очекувам овој чекор да го следат и сите останати членови нна партијата за да можеме веднаш да преминеме во делот на отворена дискусија кои се причините за овој резултат, катастрофален дебакл. Факт е дека бројот на гласови е на историски минимум, за жал. Мора да гледаме како понатаму“, изјави денеска Деспотовски во ТВ интервју.

Освен овие, првично во јавноста, за претседател на СДСМ беа споменувани и имињата на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, директорот на Царина Стефан Богоев, како и универзитетските професори, Игор Ивановски, Гордан Георгиев, Никола Поповски.

Но сите овие комбинации може да паднат во вода ако поранешниот премиер Зоран Заев се предомисли и одлучи повторно да се врати на чело на партијата, информираат извори блиски до СДСМ.

Од партијата денеска информираа дека на синоќешната седница на Извршниот одбор, Ковачевски го потврдил повлекувањето од функцијата и иницирал свикување отчетен конгрес. Оставки поднеле и членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка. Истото се очекува да го направат и членовите на Централниот одбор.

„Согласно член 68б од Статутот и повлекувањето на претседателот на партијата Извршниот одбор заклучи дека почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот сѐ уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна  комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка“, информираа од СДСМ.

Оттаму појаснуваат дека со повлекувањето на претседателот на СДСМ, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со глед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ