„За да ги обезбедиме тие права, мора да се обезбеди безбедност, редовност и континуитет на транспортните линии. Необезбедувањето јавен превоз, има огромно негативно влијание врз животот на граѓаните, особено на децата и младите кои зависат од јавниот превоз за да стигнат до училиштата и образовните институции“, наведува Меѓаши.
Во реакцијата Првата детска амбасада во светот пиѓува дека надлежните институции се „заглавени во политички пресметки“ и не обезбедуваат соодветна организација на јавниот превоз, што, како што наведува „директно ги загрозува основните права на децата, пред се правото на образование“.
„Без редовни автобуски линии, учениците и студентите се принудени да се соочат со големи потешкотии во секојдневниот превоз, што доведува до пропуштени часови и недостаток на образовни можности. Оваа ситуација е неприфатлива и не смее да се оправдува. Некои случувања во општеството не смеат да оправдаат и да следат политички интереси. Важно е да се нагласи дека граѓан(к)ите не треба да бидат заложници на политичките игри и да страдаат од одлуките кои ги засегаат нивните основни потреби и права“, пишува во реакцијата.
Меѓаши апелира до сите надлежни институции „да преземат итни мерки за воспоставување редовни и сигурни автобуски линии кои ќе овозможат нормален тек на образованието и секојдневниот живот на децата, како и граѓаните во целост, без разлика на нивната возраст или политичка припадност“.
„Првата детска амбасада во светот Меѓаши бара итно решение и обезбедување стабилни, редовни и безбедни автобуски линии, кои ќе ги задоволат потребите на учениците и студентите, како и на сите останати корисници на јавниот превоз. Како организација поддржуваме дијалог, иницирање иницијативи за решение на оваа ситуација и ги охрабруваме сите кои се одговорни за јавниот превоз да ги стават интересите на граѓаните пред политичките пресметки, за да осигурат нормален тек и праведен пристап до образование, односно основни услуги за кои децата имаат право“, соопшти Меѓаши.