среда, 30 октомври 2024

Мато од Тетово, седум децении со фотографии ја овековечува историјата на ФК „Тетекс“

Со повеќе стотици фотографии во просторија налик на музеј, 70 години од постоењето на фудбалскиот клуб „Тетекс“, со децении ги овековечува тетовецот Блаже Аврамовски-Мато, кој сосем заслужено може да го понесе епитетот најголем клупски навивач во Тетово. Во најголемиот дел од приземјето на неговата куќа се наоѓа оваа просторија каде преку изложени стотици фотографии, тој ги чува спомените од најважните моменти на овој клуб формиран во 1953 година.

Објавено на

часот

Сподели

Со повеќе стотици фотографии во просторија налик на музеј, 70 години од постоењето на фудбалскиот клуб „Тетекс“, со децении ги овековечува тетовецот Блаже Аврамовски-Мато, кој сосем заслужено може да го понесе епитетот најголем клупски навивач во Тетово. Во најголемиот дел од приземјето на неговата куќа се наоѓа оваа просторија каде преку изложени стотици фотографии, тој ги чува спомените од најважните моменти на овој клуб формиран во 1953 година.

Мато е роден 1950 година или три години пред да се формира неговиот омилен клуб, па така ги памети и почетните години на тетовската фудбалска екипа кога всушност се раѓа и неговата љубов кон „Тетекс“.

– Паметам некаде од седум години, ама сум одел и пред тоа до фудбалското игралиште да ги гледам фудбалерите како тренираат. Како и сега живеев во населбата Поток, која е блиску до игралиштето. Во тоа време за децата главната разонода беше да се биде надвор да се игра, да се шета. Така, мој најголем ќејф ми беше да одам да ги гледам како тренираат, а јас да им ги враќам топките назад кога ќе ги шутнаа надвор од теренот, вели Блаже Аврамовски, кој сите го знаат по прекарот Мато.

Меѓу фудбалерите бил и неговиот вујко Томче Жаба Богдановски, кој му ја дал првата фотографија на која ја има екипата на ФК „Текстилец“, што е всушност првото име на „Тетекс“, користено од 1953 до 1961 година. Тоа се случило во периодот 1958-1960 година, кога Мато направил копија од фотографијата. Така почнал да собира фотографии, правел копии и ги ставал во албум.

– Вујко ми Томче Жаба Богдановски играше во првите години од 1953 до 1956 година. Тој ми даде неколку слики, потоа Резак Ибраими, Методија Мече Груевски, Бошко Пипа Јовановски, Коста Јакимовски, Маравиќ, ми даваа слики, ги копирав и си правев албум. Тогаш немаше многу фотографии, неколку пати ако се правеа годишно од фудбалерите. Но, полека со годините, почнаа да се множат собраните фотографии во мојот албум, раскажува Мато за детството.

Како младинец малку време и тренирал во „Тетекс“, но не успева да напредува, вели бил повлечено дете, не знаел да се наметне. Но од друга страна, посветеноста кон клубот се повеќе и растела и се засилувала. Сакал да ги има сите можни фудбалери на слика и така се создавала се поголема колекција.

– Нема играч кој го нема на фотографииве од „Тетекс“. Кога пред 40 години ја реновирав куќата, се изгради и овој приземје, каде имав отворено флиперница, со видеоигри, пинг-понг маси и слично. Овде беше маалски клуб, но и собиралиште на навивачите на Тетекс. Уште тогаш почнав да ги ставам фотографиите на ѕидовите. Со тек на времето, тие направи од флиперницата престанаа да се користат, па така ми остана местово како музеј за „Тетекс“, вели гордо тетовецот.

Почнал да става по три-четири фотографии во еден ред на ѕидовите, па сега веќе достигнал повеќе стотици. Под секоја фотографија има и натпис кои фудбалери се или која е приликата кога е направена. Влезниот дел од просторијата нема ѕидови, туку е со стакла врз кои има сино-бели завеси како клупските бои. На подот има насликано фудбалски терен па се создава една целина со што оваа просторија наликува на вистински музеј.

-Да бидам искрен не сум ги изброил фотографиите, постепено се собирани и сум ги ставал, но сега веќе сум сигурен со групно броење дека се над 300. Ставам стиропор на ѕидовите и врз тоа ги закачувам фотографиите. Некои од нив се застаклени. Сите фотографии сам сум ги поставил. Освен што сум ги копирал, ретко некогаш некој ми ги оставал сликите, вели Мато.

Во овој негов музеј редовно доаѓаат на посети поранешните фудбалери, како и навивачи на „Тетекс“, па се потсетуваат на минатите времиња. Бројни се сеќавањата од натпреварите на кои Мато бил присутен како навивач, а и во друштво со фудбалерите и раководствата.

– Нема место каде што не сме биле во поранешна Југославија со „Тетекс“. Сум бил водич на патот заедно со Драго сликарот, со Трпче Шоу, со Драган Љампе, сме оделе насекаде, од „Тетекс“ ми давале автобуси, сум бил дел од управата, на што сум многу горд. Како навивач сум изел и многу ќотек, сè уште ги паметам гостувањата во Ѓаковица, во Штип, во Прилеп и други места. Тука во Тетово, на сега веќе стариот стадион, правиме изненадување, другарот Трпче Шоу требаше да влезе на стадион со одело-фрак и шапка со цилиндар, да личи на диригент. Но како да не дознал некој, влегуваме во стадион, групата навивачи со знамиња и транспаренти ги нема, а публиката свири. Што ќе видиме ги префрлуваа од полиција спроти трибината во така наречениот Котар. Некако и ние успеавме да дојдеме до таму, па Трпче можеше да „диригира“ со навивачите. Многу јака утакмица беше ги „тепавме“ ФАП од Прибој со 3-2, се потсети Мато.

Со многу љубов зборува и за неговото маало Поток, кое има голем удел за ова хоби и желба за фудбал. Во тие години од неговата младост, сите биле посветени на фудбалот, особено на ФК „Тетекс“, некои играле, а сите навивале за клубот.

– Овде се беревме од Поток и одевме со знамиња и транспаренти, па ќе се споиме со некое друго маало и така поголема група правец кон стадион. Порано беше едноставно, но имаше голема желба и жар. На едно обично платно кое ќе ни го дадеа од фабриката „Тетекс“ ќе го напишеме одвај името на клубот и толку, но се навивало со голема страст. Тапан сме земале од играорци, па ако се дупнеше сме го лепеле со селотејп и така сме го користеле, се потсети нашиот соговорник на времето од пред неколку децении.

На ѕидовите од овој музеј се наоѓаат и повеќе фотографии од навивачката група „Војводи“. Фотоисторијат има и за фудбалските кариери на неговиот брат Мио, како и Горан Гама, син на Мио и внук на Мато, а сега фудбалери се и Марио и Лука, синови на Горан. На почесно место има фотографија од Стојан Ѓорчески, генерален директор на Тетекс во минатото, кого Мато особено го почитува поради големиот придонес во развојот на фудбалскиот клуб „Тетекс“ и изградбата на новиот градски стадион. Посетителите може да погледнат и фотографии од младиот тетексов талент Трајче Стојковски-Пинго кој трагично го загуби животот во 2001 година.

Покрај љубовта кон фудбалскиот клуб, карактеристично за Блаже Мато, е што целиот работен век го поминал и во фабриката „Тетекс“. Таму работел 41 година, а се пензионирал во 2014 година.

Александар Самарџиев

Фото: МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ