„Владеењето на правото е клучна претпоставка за развој и функционирање на економијата и затоа сме должни да посветиме и повеќе внимание и посериозни мерки, за да можеме на среден и долг рок да воспоставиме систем по овие патокази, каде што нема да ни требаат дополнителни механизми за набљудување на нашиот систем на правосудство, избори и разрешувања на судиите, квалитетот на правдата и пресудите, брзината на постапките и ефикасноста во постапките, што се дел од забелешките на ЕУ“, рече Маричиќ.
Важно е, нагласи, овој процес да остане отворен за сите и сите да земат активно учество, пратениците од сите политички партии, но и обвинителите, судиите, и сите кои ја претставуваат таа фела на највисоко ниво, како и академската фела и граѓанското општество.
„Ова е задача за сите, затоа и се вика Национална развојна стратегија. Владата поттикнува да биде што поотворена и поинклузивна дискусијата и сите овие стратешки мерки ќе имаат смисла, само ако ги направиме така да се однесуваат на клучните проблеми и може да се применат во пракса“, изјави Маричиќ, порачувајќи дека не ни треба документ што е само список на убави желби кои што тешко се спроведуваат.
Патоказите, посочи Маричиќ, се битни затоа што се утврдуваат сега и ги покриваат темите од Поглавјата 23 и 24, кои остануваат отворени до крајот на преговорите, а обврските што ќе бидат вметнати се долгогодишни.
„Планот во патоказите е седумгодишен, значи до 2030 година, до кога ние бараме да бидат заклучени преговорите и досега имаме позитивен сигнал од страна на Европската Комисија и затоа е важно како ќе ги обликуваме“, изјави Маричиќ.
Во текот на овој процес, Маричиќ нагласи дека е побарано од Холандија да испратат свој експерт, кој учествува во Работната група за патоказот за владеење на правото, а имаме и Оценска мисија за работата на Судскиот совет.
„Очекуваме на крајот од овие два процеси да добиеме извештај од нивната работа. Сето она што ќе ни го дадат како препорака и упатство, планираме да го вградиме во патоказот за владеење на правото, што е еден вид на стратешки документ за следните седум години“, изјави Маричиќ.
Според Маричиќ, не треба да бегаме од проблемите и треба заеднички да работиме на нивно надминување.
„И за спроведување, повторно треба учество на сите. Имате партнер во Владата, тоа така и ќе остане. Сигурен сум дека со заеднички напори можеме да ја постигнеме целта и членство во ЕУ до 2030 година, но и имплементација на целите за национален развој, кои што ќе бидат вградени во Националната развојна стратегија“, изјави Маричиќ.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, посочи дека очекува конструктивна дебата и да бидат разгледани предложените системски измени и целите и приоритетите што се стратешки.
„Поглавјето 23 е едно од најобемните и најсложени поглавја, додека брзината и времетраењето на приговорите во оваа област директно влијаат врз напредокот во другите аспекти на преговорите со ЕУ. Функционирањето на независно и ефикасно судство има пресудно значење, непристрасноста, интегритетот и високиот стандард при донесување на одлуки од судовите се суштински за заштита на владеењето на правото. Тоа подразбира цврста посветеност за елиминирање на надворешните влијание врз судството и обезбедување на соодветни финансиски ресурси и обука“, изјави Адеми.
Потребно е, посочи Адеми, силна и системска борба против корупцијата и организираниот криминал без, како што рече, пречки и без неказнување, и дека Собранието треба да биде вклучено во овој процес.
Денешната расправа на собраниската Комисија за европски прашања е во рамки на процесот на подготовка на Националната развојна стратегија и има за цел вклучување на политичките партии во процесот на креирање на стратегијата како и отворање на дискусија со претставници од академската фела, граѓанското општество, бизнис-секторот и експерти, за вклучување на различните гледишта во финалниот документ, но и да се обезбеди континуитет во имплементирањето на стратегијата.