сабота, 26 октомври 2024

Макрон: Мора да дозволиме Украина да гаѓа цели во Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Украина треба да има право да гаѓа цели во Русија од кои се вршат напади на украинска територија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Мораме да им дозволиме на Украинците да неутрализираат воени локации од кои се стрелаат проектили, но не и други цивилни или воени цели. Не сакаме ескалација“, рече тој вчера, говорејќи заедно со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Шолц беше повнимателен, велејќи дека украинската употреба на западно оружје „секогаш мора да биде во рамки на меѓународното право“. Коментарите на двајцата лидери се дел од пошироката расправа што ги разбранува западните сојузници на Украина.

Две од најчувствителните прашања на агендата на вчерашниот состанок на министрите за одбрана во Брисел беа дали на Украина треба да ѝ се дозволи да користи донирано оружје за напад на руска територија и дали сојузниците на Украина треба да испратат свои војници за да се забрза обуката на украинските сили, што е исто така идеја иницирана од Макрон, пишува Политико.

Земјите на ЕУ се длабоко поделени по двете теми, рече шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел.

„Отстранувањето на ограничувањата за употреба на западно оружје е одлука што треба да ја донесе секоја поединечна земја-членка. Тоа е нивна одговорност. Никој не може да присили земја-членка да ги укине овие ограничувања“, рече тој.

Ова не е само проблем на Европската унија. Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, е под притисок на Конгресот да одговори на молбите на Киев и конкретно да ѝ дозволи на Украина да гаѓа цели во Русија со донирано оружје.

Говорејќи во Брисел, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече: „Ние, и ова е факт, не можеме да ја ризикуваме поддршката од нашите партнери – затоа не го користиме оружјето на нашите партнери за напад на руска територија. Затоа ве молиме да ни дозволите да го правиме тоа“.

Некои европски земји како Обединетото Кралство, балтичките земји, Финска, Полска и други немаат проблем со тоа Украина да гаѓа цели во Русија.

„Покрај муницијата и противвоздушната одбрана, две работи можат да ѝ помогнат на Украина да дојде до точка на пресврт за победа во војната: забрзување на обуката на украинските борци и дозволување на Украина да напаѓа воени цели во Русија“, напиша на Твитер естонскиот министер за одбрана Хано Певкур.

„Не е наша работа да им ги врзуваме рацете на Украинците“, изјави финскиот претседател Александар Стуб. Ова е ставот и на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Но, земјите како Германија и Италија се многу повнимателни во врска со преминувањето на црвената линија со нуклеарно вооружената Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин ѝ се закани на Европа со „сериозни последици“ доколку на Украина ѝ се дозволи во иднина да користи прецизно оружје со долг дострел доставено од Запад на руска територија.

„Тие претставници на НАТО, особено во Европа и особено во малите земји, треба да разберат со што си играат“, рече Путин во главниот град на Узбекистан, Ташкент, на крајот од државната посета.

Тој навести дека Русија може да преземе воени контрамерки и рече дека особено помалите земји не треба да заборават дека нивните територии не се големи и дека се густо населени.

Според Путин, таквото одобрување од западните земји би претставувало директна конфронтација меѓу Русија и Западот. Во овој контекст, 71-годишникот уште еднаш се осврна на стратешкото нуклеарно оружје на Русија.

Тој исто така ја доведе во прашање можната заштита на НАТО земјите од САД. „Ако се материјализираат сериозните последици за Европа, како ќе се однесуваат САД со оглед на нашиот паритет во стратешкото вооружување?“ праша тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ