петок, 18 октомври 2024

Макрон критикуван поради изјавата дека Европа не треба да им биде вазал на САД

Објавено на

часот

Сподели

Францускиот претседател тоа го кажа во интервју по тридневната официјална посета на Кина.

Макрон за Ехо и Политико изјави дека Европа треба да биде трета сила во светскиот поредок, по САД и Кина.

Тој, исто така, оцени дека мешањето во кризата поврзана со Тајван би било „стапица за Европа“, која би била „вовлечена во кризи“ што не се нејзини, што ќе ја „спречи да изгради стратегиска автономија“.

Целта на разговорите во Кина беше да се консолидираат заедничките пристапи во однос на војната во Украина, рече Макрон.

Политико објави дека Елисејската палата ги проверила цитатите на Макрон пред објавувањето, како услов за давањето интервју, и инсистирала да се отстранат деловите каде што Макрон поискрено зборувал за Тајван и за стратегиската автономија на Европа.

Американскиот републикански сенатор Марко Рубио изјави за Политико дека ако Макрон зборува од името на цела Европа, тогаш САД треба да размислат да ја фокусираат својата надворешна политика на скротување на Кина и да ја остават Европа да се бори во војната во Украина, објави Гардијан.

Волстрит џурнал во уводникот рече дека бескорисните коментари на францускиот претседател може да го поткопаат одвраќањето на САД и Јапонија против Кина во Западен Пацифик, истовремено охрабрувајќи ги американските политичари што сакаат да ги намалат американските обврски во Европа.

Еден член на Европскиот парламент (ЕП) нагласи дека францускиот лидер не зборувал од името на ЕУ, туку од името на Франција.

Пратеникот рече дека руската инвазија на Украина ја довела во прашање способноста на Европа да стане трета сила во глобалниот поредок, како што предлага Макрон.

Германскиот пратеник од десниот центар, кој е член и поранешен претседател на комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Норберт Ретген, рече дека Макрон со својата идеја за европскиот суверенитет, кој го дефинира во разграничувањето, а не во партнерство со САД, сѐ повеќе се изолира во Европа.

Членот на Европскиот парламент Рајнхард Бутикфер ја опиша посетата на Макрон на Кина како „целосна катастрофа“.

Пратеникот на германските Зелени, кој беше санкциониран од Пекинг поради неговиот став за човековите права во Синџанг, исто така рече дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен има подобра алтернатива за Европа од Макрон.

Фон дер Лаен неодамна изјави дека ЕУ треба да ги преиспита своите односи со кинеската влада, која, според неа, „ја засилила својата политика на дезинформации и економска и трговска принуда“.

Макрон доби пофалби во Брисел што ја покани Фон дер Лаен да му се придружи на посетата на Пекинг, а реалноста на посетата само ги истакна обидите на Кина да спроведе политика „раздели, па владеј“, забележува Гардијан.

Британскиот весник процени дека Макрон во Кина бил пречекан на црвен тепих со државен банкет и воена парада, додека Фон дер Лаен била студено пречекана и исклучена од тие церемонии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ