петок, 18 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Македонското распаќе!

Како сакате ценете, ама слабостите на државава на економски и на политички план, вклучително и правен ја носат кон амбис. Дамнешната определба кон ЕУ денес е преточена во противречност заради рамката на Франција и не се снаоѓаме да го продолжиме тој пат. Конфликтноста меѓу СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ околу таа рамка го попречува тој пат. Во секој случај според мене тоа е незрела политичка состојба креирана од политичката плиткост на двете партии. Тој пат се усложнува и заради економската регресивна состојба, особено од 2018 година наваму. Сите економски параметри во последните две години години бележат некаков раст, но тие се просечно под растот во рамките на балканските држави, значително пониски и најлоши.

На политички план според параметрите на законското регулирање и средување на конфликите  Македонија станува држава која не ги решава проблемите, туку ги влошува. Било како било, ценам дека не е сигурно останувањето на нашата држава на моменталната  почетната точка на економско и национално возвишување, како што тоа го доживеаја последно влезените држави во ЕУ. Значи македонската држава не е функционална и таа сѐ повеќе се движи кон државите кои исчезнуваат.

Економските проблеми ќе ги тргнам настрана затоа што мислам дека во моментов акцентот треба да се стави на политиката, бидејќи тоа поле кај нас плитко се ора, копа, сее и ѓубри со  погрешно ѓубриво и затоа немаме плод и жетва. Немаме извоз во ЕУ макар и мимнимални резултати, туку бараме увоз на политика макар и со камшици.

Последните разногласија кои се крајно изострени меѓу Македонците, наспроти хомогенизираните граѓани од најголемо малцинство по Тиранската платформа,  во како што некои велат мултиетничкото (според мене од политички, национален и социјален аспект  оваа карактеристика е крајно неоправдана и треба да се замени со порационалната и кај нас пооправдана и реална со карактеристиката интеретничко) општество кое не е флексибилно, што само укажуваат на сегашната состојба во која се наоѓаат Македонците во својата држава и општество за сите, ама не и за Македонците. За жал, според мене, кај нас не е проблем само карактеристиката на споменатиот поим, туку на него се надоврзува и политичкото неразбирање на суштината на идентитетските прашања. За овие прашања јас лично мислам дека постои тотален политички мрак во нашетото општество, па нашата наука наместо да избира адекватни концепти, таа бира неадекватни и ja блокира политичката активност. На споменатото понатаму се надоврзува и проблемот со демократскиот процес на одлучување на сите нивоа во државата. Да не ja споменувам и структурата на овој систем. И на крајот, логично следува и прашањето „кои сте вие бре?“, кое  неодамна го постави почитуваниот проф. Венко  Андоновски (не знам колку ова прашање е копија на сличното прашање кое долго време е содржина на една емисија на РТС) и на кое се добиени многу негативни одговори од политички шарлатани кои ги слушаме или читаме по медиумите.

Според мене прашањето заслужува квалификуван и издржан одговор. Ставовите на споменатите не помагаат за стивнување на идеолошките конфликти, туку тие уште повеќе го иинтензивираат и создават расцепот меѓу македонскиот народ. Јас таа состојба кои тие ја создаваат, иако не сум историчар, ја ценам како полоша од состојбата од крајот на 19 и почетокот на 20-от век кога на овие  простори се наоѓаше македонскиот народ на географска Македонија. Во секој случај мојата оценка за сегашната македонска политичка голгота е дека кај нас немаме современи знаења за политиката и социологијата, а за улогата на психологијата во средувањето на конфликтите никој ниту слушнал, ни пак нешто прочитал. Така нашите политиколози се неквалификувани и без современи политички алатки, а се мачат сесрдно да одговараат на прашањата со злобни и завидливи одговори на сите оние кои поставуваат прашања и очекуваат политички квалификувани одговори. Еве некои мои забележувања околу споменатото.

Неодамна прочитав еден одговор на многу сериозната критика на нашите факултети од страна на комесарот на ЕУ Вархеи, кој ги споменал како фактор кој треба, а не придонесува за единството во македонското општество. Незадоволството и одговорот за покренување на споменатото прашање го има подготвено еден професор од Правниот факултет и наш прв министер за надворешни работи. Во одговорот на овој професор јас не ги пронајдов одговорите на актуелните прашања. Одговорот многу ми заличуваше на одговорите кои најчесто ги среќававме во поранешниот комунистички ситем, кога проблемите беа префрлани на друг субјект. Не сакам ниту прифаќам таков одговор бидејќи проблемите се во сиромашната структура на предметите кои се изучуваат на нашите правни и политички факултети. По некоја случајност поседувам програми на некои странски факултети. Кога ќе се споредат со тие кај нас, одговорот е дека ни недостигаат некои предмети како што се филозофија на правото или пак историја на политиката, а преговарањето го нема никаде. А на школите за новинарство не се изучува современиот психлолошки процес на врамувањето и за утврдување на вистината. Веднаш да кажам дека сето ова влијае на разбирањето на проблемите и нивното решение.  Затоа се обратив до некои образовни институции, меѓутоа самото споменување на потребата од изучување на овие предмети останува заклучено во тајните и мрачни простории на овие научни институции. Така во светот на науката се движи, а кај  сѐ си останува во рамките на минатото, а многуте колумничари, водители на емисии и другите надлежни за јавните информации пишуваат, коментираат и анализираат како тетки на улица со пристап за сѐ ама без јасно лоцирање на вистината и решенијата за актуелните политички проблеми. Така го поддржуваат расцепот на македонското ткиво.

Ќе споменам некои примери од нашата политичка пракса околу сегашниот проблем со Бугарија. Тој проблем е проблем кој Бугарија бара да се среди слично како и преспанскиот. Бараат да си го добијат својот дел од пред завршувањето на Балканските војни. Ако не добијат територија, бранејќи ја Пиринска Македонија, бараат некаквов инженеринг на нашето име и бришење на Македонците од Пиринска Македонија, како и вградување во нашиот Устав на една шака самоосвестени Македонци во Бугари гарантирајќи им ги човековите права како и на најголемото малцинство во државата. Ваквата офанзива против интересите на нашата држава ја организираа и сѐ уште ја водат креаторите и потписниците на договорот од 2017 година, кои според своите чувства целосно припаѓаат на бугарскиот, а не на македонскиот идентитет. Првиот тоа многу директно го соопшти во интервјуто за БГНЕС, а вториот сокриено настапува во таа насока иако мисли мудро, а фактички сокриено бидејќи неговиот светоглед за идентитетот од мали нозе фамилијарно така е формиран. Сето тоа заедно со очекуваните материјални приноси од наклонетоста кон бугарските интереси, го чини овој проблем за нас многу суптилен и нерешлив според споменатото, ама и според сегашните геополитички состојби вградени во рамката која ни е наметната и со која нема да знаеме како да се справиме.

Да ја продолжиме нашата одисеја околу овој проблем. Првата пречка која од сите страни ни се сугерира е вградувањето на Бугарите во Уставот, како едноставен и лесен проблем, што навистина изгледа така. Ама никој не ги споменува и проблемите кои стојат на другата, на бугарскатат страна. Во оваа држава живеат многу повеќе Македонци отколку што има Бугари во Македонија. Прашувам гласно „еурофобија“ ли е покренувањето и барањето на решението на човековите прашања на овој дел од нашиот народ кој историски останал на просторите на Пиринска Македонија по Балканските војни и Првата светска војна и кои и денес ЕУ иако носи некакви пресуди, тие пресуди ова држава која се наоѓа во ЕУ не ги спроведува! Уставот ли е во прашање или бугарскиот фашизам поддржан од ЕУ. Човековите права не зависат од правниот систем на Бугарија, туку се универзални права според ООН. А второ, зошто имаат добиено такви права само Турците во оваа држава? Ако понатаму се оди во оваа насока, зошто потписниците на договорот од 2017-та не го покренаа оваа прашање со тој договор, туку дома употребија и брусилици? Зарем решаваа само домашен проблем или идентитетски проблем на цела една нација на која припаѓаа, а за неа немаа интерес? Одродени се или предавници на својот народ? Им следува ли казна и тоа сега во овој момент?

Денес и порано  нашите политиколози кои овие прашања ги ставаат во полето на саможртва, бранејќи го своето незнаење и потпомаѓајќи ги нашите политичари со знаење на ниво на неандерталци, пишувајќи во разноразни светски медиуми, го знаат ли македонскиот интерес? Кој на факултетите за политички науки им предавал за националниот интерес? Има ли такви професори? Јас не гледам, помогнете ми да ги видам или да прочитам нешто што тие го напишале! Колку плати зедоа сите професори на правните факултети не извршувајќи си ја научната дејност? Дали не треба да се побара од сите нив да издвојат дел од платите кои досегта ги примале за решавање на економските проблеми?  Истото тоа треба да се побара и од нивните ученици од која било националност да се и кои беа многу бурни, а не ефективни кога се решаваа досегашните проблеми? Само така, покрај другото, можат да се приберат пари за решавање на странскиот долг и конечно да се подигне свеста за одговорност!

На крајот сакам накратко да споменам еден концепт кој сосема оправдано одговара на сегашниот и нареден тек на преговарањето со соседната источна држава. Во суштина тој е прилагоден да преговараме со емоциите на рамноправна основа и со потиснување на емоциите и на другата страна, кој иако ни се претставува како побарувач на факти, реално се натура со огромна количина на негативни емоции како факти кон нас Македонците. И она што е многу битно за овој концепт дава можност за многу реално распоредување на своето и туѓото. Морам да споменам дека тоа не го разбираат ниту нашите политичари, а не го знае ниту нашиот харвардовец, а нашите политиколози не слушнале за тоа. Некој може да ме квалификува како злобен. Ама јас одговоарам дали некој што завршил политички науки кај нас има нешто напишано користејќи го тој пристап. Значи такви нема, а немаше и кога преговараше оној од Муртино заедно со карпошовецот од Скопје. Јас тоа не го видов и кај онаа политичка шупелка кој преговараше за името, а не го гледам кај неговиот заменик кој упадна во овој процес со Бугарите и неговите поддржувачи од сите бранши, особено политиколозите кои секој ден ни раскажуваат некакви приказни, а на крајот одат до беспаќето.

Можеби ќе уследи разочарување кај вас почитувани, ама немаме многу вредни и квалификувани кадри во политичките партии кои би го повлекле процесот во вистинската насока.

Да завршам. Сегашната рамка нам не ни одоговара и според мене тоа треба јасно да се соопшти на сите наши гости натоварени со скриени намери за интересите на Бугарија, со правото кое им го даде харвардецот во соработка со ДУИ. Ако сакаме да се задоволат и нашите интереси при влезот во ЕУ, тогаш треба да се направи нова рамка онаква како што ја споменав, во која емоциите и наши и на Бугарија треба да се потиснат, а рационалноста да избие на преден план. Ако таков предлог ЕУ не прифати, тогаш отворено ни кажува дека ние не сме достојни за нивниот клуб и потоа треба да се ориентираме кон други алтернативи.  Така ќе докажеме дека ние не влегуваме во овој клуб заради нивните пари.

М-Р Ѓорѓи Трипков, развоен економист

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ