Да видиме што имаме во Дипломатската торба во однос на вакви недоветно преведени или македонизирани термини и фрази:
ТРЧАЊЕ ЗА ФУНКЦИЈА – овој термин што полека станува секојдневие на нашите медиуми е буквален превод на англо-саксонскиот термин „Running for Office”, „Running for President” и слично.
Без оглед што во народот има вкоренето мислење дека политичарите ништо не работат и само трчаат по функции, мене ми е многу смешно да ги замислам политичарите во спортска опрема како трчаат по некоја политичка функција и како жестоко се натпреваруваат на атлетска патека кој прв ќе стигне на целта и со гради ќе ја скине лентата.
Правилна употреба на оваа фраза би била КАНДИДИРАЊЕ ЗА НЕКОЈА ФУНКЦИЈА, без оглед дали се работи за претседателска или некој друга јавна функција. Трчање и задишување нема. Можеби само ладна пот, но тоа е веќе сосема друга приказна.
НА КРАЈОТ НА ДЕНОТ – буквален превод на англиски идиом „At the End of the Day”. Потсеќа на крај од вестерн филм или стрип кога главниот јунак полека на својот верен коњ заминува накај зајдисонцето и влегува во легендата.
Секако, поимот нема никаква врска ниту со овој, ниту со кој било друг ден. Ниту со залез на сонцето. А најмалку со нечие заминување во легенда.
Овој идиом изворно се користи за опишување на тоа што ќе се случува на крајот, после подолга серија на настани или на тоа што се чини дека е случај, откога ќе ги разгледате детално и целосно соодветните факти.
На македонски јазик би се рекло едноставно, НА КРАЈ.
ЕВЕНТУАЛНО – кога се користи во ист контекст со или пак како буквален превод на англискиот збор „Eventually”.
Многу погрешно. На англиски овој збор значи НА КРАЈ и означува една извесност што треба да уследи во идна ситуација или состојба што ќе уследи после долг застој, некаков спор или пак серија на проблеми.
Зборот евентуално на македонски значи можеби, доколку, во случај да, ако… и за разлика од „eventually” претставува ситуација на неизвесност.
РЕЗИЛИЕНТНОСТ – не е дури ни буквален превод, туку македонизирање на англискиот термин Resilience.
Овој термин означува всушност една особина по која е најпознат обичниот сунѓер што се користи во домаќинствата. А тоа е дека тој под притисок се вдлабнува, но кога притисокот ќе престане лесно се враќа во првобитна состојба. Но повторно, користењето на овој збор во нашиот политички речник нема врска со рачно миење садови ниту со сјај. Уште помалку со сунѓер.
Правилен израз на македонски јазик би бил ЕЛАСТИЧНА ОТПОРНОСТ. Отпорност на притисок, при што нештата не само што не се уништуваат или кршат, туку дури и се враќаат во првобитна состојба. Како да немало притисок.
Еластичната отпорност последните години зачестено се употребува кога се зборува генерално за состојбата на општеството, а потесно за безбедноста, хибридните закани, одбранбените способности и слично.
ДА СЕ ИСПУШТИ ВОЗОТ – на англиски јазик „Miss the Boat”. Тука англискиот брод, односно “the boat”, магично се претвора во воз, веројатно поради фактот што Македонија нема излез на море. Без да навлегуваме во евентуални повредени чувства на Охриѓани поради игнорирањето на кајчињата, треба да забележиме дека изразот е особено омилен кај ЕУ фанатиците во Македонија кои размислуваат спротивно од таканаречените суверенисти. Во меѓународното право, спротивен збор од „суверен“ би бил „несуверен“, односно некој што е контролиран од страна на надворешни сили. Може да се однесува и на луѓе и на политички тела.
Ако го испуштиш возот односно бродот на англиски јазик, тогаш си ја испуштил шансата или можноста да сториш нешто што си имал намера, токму поради доцнењето. Накратко, ДА СЕ ИСПУШТИ ШАНСА.
На македонски јазик, со оваа фраза сака да се нагласи дека што поитно треба да дејствуваме во насока на исполнувањето на принципиелните и непринципиелните барања на земји членки на ЕУ, без оглед на цената, затоа што инаку возот кон членството во ЕУ ќе ни избегал. А следниот не се знае кога или пак дали воопшто ќе дојде?!
ДА СЕ СКРШИ МРАЗОТ – од „To Break the Ice”. Кршењето мраз не се однесува на кршење мраз со нож за коктели, брод мразокршач или пак кршење смрзотини пред влезот во куќата.
Кршење на англиски мраз значи олеснување на луѓе што се среќаваат прв пат да се чувствуваат релаксирани и комотни едни со други и полесно да започнат разговор. Накратко, ОЛЕСНУВАЊЕ КОНВЕРЗАЦИЈА.
ТОПКАТА Е ВО ТВОЈОТ ДВОР – „The Ball is in Your Court”. Како што претпоставуваме, овде нема тенис, фудбал или било каква друга игра со топка. Нема ниту дворови и секако нема скршени прозорци.
Да се има топка во англиски двор значи дека „сопственикот на дворот“, односно соговорникот треба да донесе некаква одлука или направи определен чекот за да постигне напредок во определена ситуација. Накратко, ТРЕБА ДА ДОНЕСЕШ ОДЛУКА.
ДА СЕ ЗАКОПААТ ВОЕНИТЕ СЕКИРИ – „To Bury the Hatchet”. Англиските секири во македонска транскрипција стануваат воени секири.
Сепак, ова не укажува на потреба од копање, ниту од закопување на било што. Со ова практично, се сака да се каже дека скараните страни се помириле и почнуваат да градат пријателски односи. Кратко, ПОМИРУВАЊЕ НА СТРАНИТЕ.
КОСТУР ВО КЛОЗЕТОТ – „Skeleton in the closet”. Спротивно на мислењето на љубителите на романтично мистериозни крими романи, не станува збор за никаков љубовник што останал затворен и заборавен во орманот каде што се криел.
Костур во англиски орман на македонски јазик значи дека некој има некаква засрамувачка тајна. Кратко, СКРИЕНА ТАЈНА.
ПЛАЧЕЊЕ НАД ИСТУРЕНО МЛЕКО – „Crying Over Spilled Milk”. Нема пропуштен доручек, нема бришење млеко од подот.
Плачење над истурено англиско млеко на македонски јазик значи дека нема фајде некој да се чувствува лошо поради нешто што се случило во минатото и што не може да се смени. Кратко, НЕМА КАЕЊЕ.
На пример, доколку паднал на испит, да не се деморализира, туку да ја фокусира енергијата зашто повторно ќе има можност да го полага.
ВО ПРЕДВИД – овде немаме никаква англиска инспирација за буквален превод или македонизирање на некоја фраза. Сепак се одлучив да ја завршам колумната со оваа фраза од проста причина што огромното мнозинство политичари и аналитичари често ја употребуваат од незнаење.
Имено, во фразата ВО ПРЕДВИД стојат два различни предлози за место, што меѓусебно се исклучуваат. Тоа се ВО (внатре) и ПРЕД (испред) вид. Користењето на двата предлога истовремено значи побивање на основните закони на физиката. Едно тело не може во исто време да биде и внатре и испред (нешто).
Значи, на македонски јазик, ќе се рече или ВО ВИД или ПРЕД ВИД.
Да заклучиме, македонскиот јазик има доволно соодветни зборови и фрази за секоја дипломатска ситуација. Нивното запоставување за сметка на „модерни“ странски изрази не само што ги прави говорниците смешни и полуписмени, туку и му нанесува долгорочна штета на македонскиот јазик. Политичари и аналитичари, ве молам за малку повеќе внимание и уважување на сопствениот јазик.
Амбасадор Зоран Дабиќ