недела, 24 ноември 2024
Отворено писмо

Македонскиот идентитет не смее да биде основа за политички диктат

Шеест и двајца македонски интелектуалци испратија отворено писмо во врска со актуелните политички и општествени случувања во односите со Бугарија, во кое децидно велат дека историјата на Македонскиот народ, Македонскиот јазик, македонската култура и литература, односно сето она што го дефинира македонскиот идентитет, не смее да биде основа за политички диктат, ниту предмет на расправа на заедничките комисии.

Објавено на

часот

Сподели

Во продолжение го пренесуваме целото писмо:

“Како проучувачи на македонската историја и култура, континуирано реагираме на современите политички и општествени предизвици со пишан збор и со јавен настап. Постојано укажуваме на тоа дека целта на историјата како наука е да нè подучи свесно да го разбереме минатото за правилно да се однесуваме во сегашноста и правилно да постапуваме во иднина. Затоа и ја претпочитаме нејзината научна закономерност пред политичките и идеолошките влијанија, притисоци и импровизации на политичките фактори.

Оттука, уште пред три години аргументирано и јасно укажавме на асиметричниот карактер на договорот за добрососедство со Бугарија и на штетните последици што ќе произлезат од него. Исто така, укажавме и на сериозните обврски што ги презема Република Македонија со потпишувањето на преспанската спогодба со Грција, што резултира не само со промена на уставното име, туку и со откажување од асномските државотворни одлуки.

Ова, пак, влијаеше и на внатрешниот и на надворешниот политички живот на Македонската држава втемелена на решенијата на Првото заседание на АСНОМ одржано токму на историскиот 2 август 1944 година и создадена од претставници од сите краишта на етногеографска Македонија, од сите социјални слоеви, вери и националности. АСНОМ претставува заокружување на дотогашните борби на Македонскиот народ, кој во сите историски бури – старомакедонски, Климентови, Самуилови, Карпошови, илинденски, партизански, референдумски и други, внесува своја содржина. Во сите овие процеси на заемна интеракција и симбиоза на единствениот простор – Македонија, се одвива посебниот историски развој на Македонскиот народ, се создава неговиот идентитет.

Токму затоа ние, потписниците на ова писмо, најостро реагираме на негаторската политика што ја застапува бугарската влада и уште еднаш најенегрично изјавуваме дека историјата на Македонскиот народ, Македонскиот јазик, македонската култура и литература, односно сето она што го дефинира македонскиот идентитет не смее да биде основа за политички диктат, ниту предмет на расправа на т.н. заеднички комисии.

Сметаме дека актуелните политички и општествени чинители треба да дејствуваат во насока на заедничко разбирање и на заемно почитување на сите народи и тоа врз основа на демократските начела на современото цивилизациско поимање, без да се проблематизираат посебните македонски вредности што се создадени во текот на изминатите векови. Едногласна е нашата определба да го повикаме македонскиот политички врв да не подлегне на притисоците и да не дозволи присвојување на македонската историја, на Македонскиот јазик и на македонското културно наследство, како и негирање на македонскиот национален идентитет од страна на Република Бугарија или на која било друга земја, зашто тоа е во спротивност и со вредностите и со принципите на кои е изградена и функционира Европската Унија.

Светскиот Македонски Конгрес целосно го поддржува отвореното писмо на шеесет и двајцата Македонци интелектуалци за односите со Бугарија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ