Дипломите и статуетките со ликот на великанот Гоце Делчев на добитниците им ги врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, академик Живко Попов.
„Идејата за востановување на ова најзначајно научно признание кај нас е да се наградат и поттикнат научните творци да содаваат нови дела кои имаа вредност и се од интерес за нашата држава, но истовремено придонесуваат за развојот на науката на меѓународен план. Таа за првпат е доделена во 1949 година на првиот претседател на МАНУ, академик Блаже Конески, научен деец, кој животот му го посвети на прочувањето на македонскиот јазик и неговата кодификација. Пред нас имаме дело кое ја продолжува традицијата на прочувањето на јазикот со значаен специфичен придонес кон тоа“, додаде академик Попов.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека денешниот ден не е само датум во календарот на кој му се оддава почит на великанот Гоце Делчев. Денес, посочи министерката, е денот кога македонската држава ја слави моќта на умот, трудот и научната мисла.
„Наградата што го носи името на визионерот кој го разбираше светот како ‘поле за културен натпревар меѓу народите’, денес оди во рацете на оние кои тој натпревар го продолжуваат преку науката. Владата има должност да ја поттикнува научната дејност, истражувањата и иновациите. Во изминатите две години направивме низа крупни чекори со кои го сменивме третманот кон научно – истражувачката област. Предложивме нова Национална програма за научно-истражувачка дејност. Буџетот за наука го зголемуваме две години по ред, па така од 380 милиони денари во 2024 година, во 2026 имаме над 770 милиони денари од кои најголем дел за финансирање на научно-истражувачки проекти од национален интерес“, рече Јаневска.
Таа потсети дека лани поддржале седум проекти на јавните научни установи и 45 проекти на државните универзитети, факултети, научни институти, МАНУ и на бизнис заедницата. Секој проект, нагласи министерката, се финансира до осум милиони денари, со исплата според однапред утврдена динамика, а имплементацијата мора да заврши најдоцна до 31 октомври годинава.
„Наскоро, овде во Законодавниот дом, пред пратениците ќе се најде и новиот предлог Закон за научно – истражувачка дејност, заедно со предлог законите за високо образование и за обезбедување на квалитет во високото образование, кои исто така имаат стимулирачки компоненти за оние кои работат во науката. Базите на Web of science и SCOPUS ги направивме бесплатно достапни за сите наши научници и истражувачи кои инсистираат на продлабочување на својата работа. Меѓународните програми за наука, како Хоризонт, остануваат отворени за нашата земја“, истакна Јаневска и апелираше при одредување на приоритети во делувањето, во фокусот на нашите научници да бидат целите од Стратегијата за паметна специјализација на државата.
Во врска со наградата „Гоце Делчев“ со која се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Републиката, таа рече дека да се прими ова признание, значи да се застане во истиот ред со првиот добитник Блаже Конески, но и да се преземе одговорноста за иднината.
„Оваа година наградата се доделува за научното дело „Континуитетот на македонскиот јазик“ (приказ на лексиката меѓу Слепченскиот патерик, Огледало и Различна поучителна наставленија) од авторите: проф. д-р Михајло Марковиќ и проф. д-р Соња Новотни. Дело кое се вбројува меѓу оние што анализираат клучни лингвистички прашања за македонскиот јазик и неговиот лексички фонд. Делото ја обработува врската меѓу старите текстови и современиот македонски јазик, односно систематски ја документира неговата еволуција, ја анализира структурата и употребата, и ја истакнува неговата улога како носител на културниот и националниот идентитет. Ова дело ја истакнува македонската лингвистика на меѓународната сцена, овозможувајќи глобално признавање и вклучување во пошироки лингвистички и славистички истражувања“, истакна Јаневска и им честиташе на авторите.
Проф. д-р Соња Новотни во обраќањето пред присутните рече дека признанието за нив не е само личен успех, туку и поттик и обрвска да продолжат да работат со уште поголема посветеност, одговорност и љубов кон тоа што го создаваат во областа на историјата на македонскиот јазик. Таа посочи дека делото претставува прв том од планираните три тома обработен материјал за Континуитетот на македонскиот јазик.
Делото, потенцира, дава свој придонес во областа на прочувањето на врските меѓу стариот и новиот лексички фонд во македонскиот писмен јазик и кон нови сознанија за речничкиот фонд на македонскиот јазик, како и сознанијата за врските од Кирил Пејчиновиќ меѓу современиот македонски јазик и старословенскиот, односно старомакедонскиот јазик, дава придонес и во областите на историјата на македонскиот јазик, неговата лексикологија и лексикографија, нормативната граматика на македонскиот јазик, а е од значење и за соодветните проучувања во јужнословенската славистика и славистиката воопшто.
„Овој проект претставува обид да се осветли историскиот развој, богатството и издржливоста на македонскиот јазик низ вековите, односно како што вели нашиот Бог ‘да се познае вистината, бидејќи вистината ќе не ослободи’, а нашата вистина е дека Македонија и македонскиот јазик имаат свој непречен милениумски континуитет, за што впрочем говори и нашето дело“, додаде проф. д-р Новотни.
По завршувањето на обраќањата настапи мешаниот градски хор „Вардар“ под диригентство на Јасмина Ѓорѓеска Серафимовска, кој ја изведе хорската композиција „Гоце“.





