Резолуцијата не помина „мазно“. Претставниците на 84 земји гласаа за усвојување на резолуцијата, меѓу кои и Македонија, 19 држави беа против, а 68 воздржани, а за воздржаните, најблаго речено, би можело да се каже дека имале многу резерви од полезноста на нејзиното усвојување. Меѓу тие што гласаа против се Унгарија, Русија, Кина, Белорусија, Бразил… Меѓу возджаните се Грција, Кипар, Словачка, Индија, Бразил, Мексико… Претседателот на Србија, Александар Вучиќ оцени дека ако се погледне кои држави не гласаа ЗА, дека може да се каже дека станува збор за две третини од населението во светот.
Македонското ЗА за светот е одлука на државата да се стави на страната на тие што го осудија злосторството што се случи во Сребреница пред 30 години, но која резолуција Србија ја доживува како неоправдано етикетирање на српскиот народ како геноциден, кога низ историјата имало и поголеми злосторства на други места, но кои групата моќни држави не сака да ги означи како такви да останат во колективното светcко помнење.
Во време кога се подготвуваа изборите и со техничка влада чија функција е да се грижи за изборниот процес, техничкиот министер Бујар Османи објави дека Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата, што предизвика бранување во политичката јавност и зачуденост и негативни реакции кај Србија како сосед. Османи објаснуваше дека таа одлука е со цел да се придонесе за затворање на една од темните страници од минатите децении во Западниот Балкан, дури и изјавуваше дека ги повикува министрите за надворешни работи на Србија и Босна и Херцеговина заедно со него да разговараат и да се помират. Останатите технички министри во техничката влада останаа воздржани и не реагираа со изјави за јавноста.
Османи во истите изјави најави дека на владата (техничка) ќе ѝ предложи Македонија да ја напушти иницијативата Отворен Балкан.
Претедателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, но во деновите кога беше кандидатка за функцијата, во изјава за МКД.мк рече дека така крупни одлуки не може да се носат без поширок консензус.
„Како претседател во надворешната политика ќе градам консензус. Исто така, мојата надворешна политика ќе биде целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и со меѓународното право, а посебно пресудите на Меѓународниот суд на правдата, Европскиот суд за човекови права, Комисијата за човекови права на ООН и Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија. Ќе инсистирам на постигнат консензус во Собранието и соодветна собраниска декларација пред да се пристапи кон вакви крупни чекори во надворешната политика. Бујар Османи мора да се консултира со претседателот, со Собранието, со експертската јавност. Не може посредно да дознаваме за сериозни одлуки што може да имаат сериозни последици за нашата држава“, ни изјави Сиљановска Давкова.
Прашањето како беше донесена одлуката за Сребреница е веќе минато и немаше можност во време на избори потоа да се стави во колосекот на политичко усогласување. А прашањето кое Македонија го доби од Србија преку изјавата на министерот Ивица Дачиќ беше „дали Османи зборува во името на цела Северна Македонија, на македонскиот или на албанскиот народ“.
Но останува сега да се види дали ќе профункционира политиката на широка консултација и усогласувања меѓу водечките политички сили и од власта и од опозицијата кога се работи за крупни прашања кои се и од национален и државен интерес. Политиката кон соседите е едно од таквите прашања. Во многу држави и за помалку крупни прашања и народот се прашува преку организирање на референдум.
П.Џ.