На расправата за двојното убиство, мајката на малолетната Вања, Зорица Ѓорчевска, сведочеше за денот кога нејзината ќерка исчезнала и како се одвивала потрагата по неа.
„Вања околу 7:20 се подготви и излезе. Јас излегувам околу 15 или 10 до 8, одам пешки на работа. Во моментот кога излегов забележав дека стигнала порака од класната ‘Вања ни ја нема на прв час’. Пораката беше пуштена во 7:43, јас сум ја видела во 7:45. Веднаш ѝ свртев, не беше достапна, и бидејќи на гугл мапс ја следев нејзината локација, видов дека покажува дека е на булеварот Партизанска кај Фитнес Хаус. Му се јавив на Александар дека Вања ја нема. Веднаш потоа со неговиот автомобил тргнавме да ја бараме. По пат кога вртев беше недостапна. Кога го видов Александар, само реков дека ќе се јавам во полиција. Во осум часот алармирав на 112 дека детето го нема. Со Александар се упативме на местото каде што покажуваше дека била последен пат. Викав на местото ‘Вања, Вања’. Пребаравме една напуштена куќа. Дојдоа полицајците, направивме пријава, јавив дека нема да одам на работа, се јавив по роднините и потоа веќе започна потрагата“, рече таа.
Таа пред судот кажа дека нејзиниот поранешен сопруг, Александар, бил татко што се грижел за Вања и за помалата ќерка.
„Беше импулсивен и знаеја за тоа да му замерат, јас со него немав многу комуникација, разговаравме само за децата, јас не се мешав во неговите работи, ниту тој во моите. Се грижеше за нив физички, но знаеше да викне по нив и поради тоа знаеја да му замерат. Во поголемиот дел јас ги издржував децата, алиментација не барав, немаше потреба, меѓутоа кога нешто требаше да се купи, секогаш купуваше, сѐ додека не oстана без работа“, рече Ѓорчевска.
Прашана дали се случило нешто специфично додека трагале и каков бил Александар, таа одговори дека бил смирен и потиштен.
„Беше смирен, потиштен, повлечен, тажен, не беше избувлив, како што знаеше да биде, ако нешто се случеше да викне по мене, дека јас сум крива“, рече таа.
Ѓорчевска сведочеше дека утрото откако тргнале да ја бараат Вања, тој и кажал дека нивната ќерка е киднапирана.
„Додека стигнав до зградата кај него, околу пет до шест минути, Александар веќе беше долу, што е невообичаено бидејќи знаеше да доцни, но во таква ситуација воопшто не помислив на тоа. Александар ми рече дека Вања е киднапирана, кога прашав зошто, тој ми рече дека не може да биде друго. По сугестија на колегите, а со дозвола на полицајците, објавив апел на Фејсбук дека Вања ја нема“, рече Ѓорчевска.
Таа тврдеше дека не го известила Александар дека тоа утро Вања ќе оди сама на училиште без помалата сестра, но рече дека тоа веројатно го направиле ќерките.
„Вечерта ми пратил порака, принтскрин од преписка со Вања како да се облече другиот ден за на училиште за да ѝ било топло. Јас таа порака вечерта не ја видов, но и да ја видев немаше да се вознемирам зашто знаеше тој, така, да им соли памет“, сведочеше Ѓорчевска.
Во потрагата по Вања, како што рече во сведочењето, биле вклучени нејзините роднини, колеги и полицијата. Како што дополни, во прегледувањето на камерите им помагал и Гоце, пријател на Александар, кој имал врски во полиција, знаел инспектори таму. За него рече дека не се знае лично, но знае за кого станува збор.
„Не знам кој ден беше, обезбедиле снимка на којашто се гледа возило како стои сам човек посматра и после пет шест минути застанува возило со затемнети стакла, влегува во возилото и заминува. Теоријата беше дека ова е извидница, гледаат дали има некој додека го грабаат детето. Реакцијата моја и на моите роднини беше ‘не е тоа ќерка на Кенеди, што имаме ние па од нас да бараат’“, рече таа.
Ѓорчевска пред судот сподели дека станот од зградата во која е извршено грабнувањето на Вања бил нејзин, наследен од татко ѝ, но се договориле да му го препише на нејзиниот поранешен сопруг.
„Конкретно не можам да одговорам од која причина, станот беше даден во негова сопственост, генералната идеја беше едниот стан да се префрли на негово име за ако нешто некому се случи, децата да имаат нешто за нив“, рече таа.
Според бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, исказот на мајката е многу важен, затоа што, како што рече, конечно се расчистиле сите шпекулации и мистерии, „тајни кои се провлекуваа во јавноста изминатиов период од откривањето на настанот до денеска“.
„Денеска присуствувавме на еден исказ кој дава логичен след на работите со кои се потврдува теоријата и тезата на одбраната дека Александар нема никаква иноволвираност. Денеска бевте присутни, го слушавте исказот и во таа смисла и самиот сведок не посочи дека Александар направил нешто невообичаено или што нешто што ни било кој обичен и нормален човек не би го направил во тој момент“, рече тој.
По однос на прашањето дека Александар дал своја претпоставка дека девојчето е киднапирано, одговори дека поради фактот што тој не можел да си поверува дека неговите деца би избегале од дома, помислил на таа опција.
„Доколку внимателно го слушнавте сведокот, сведокот многу јасно и децидно појасни, особено на вкрстеното прашање, дека пред сè и таа имала своја теорија дека Вања избегала, дека некој ја прелажал итн. Појасни во која смисла и во која насока таа го разбира неговото толкување, односно неговото мислење дека Вања е киднапирана, и појасни во таа насока дека тој не можел да се помири со фактот бидејќи многу им верувал на децата, ако внимателно слушавте, дека неговото дете избегало или некој ја прелажал итн. И затоа неговата теорија била дека тој претпоставува дека нема што друго да биде освен дека е киднапирана, што за мене, но, стекнав чувство и кај самиот сведок, не предизвикало како што и таа самата вели преголемо внимание бидејќи сите биле вознемирени, сите биле насочени кон тоа да го пронајдат детето и да се открие што се случило“, рече адвокатот.
Прашан во врска со тоа дека обвинителството рече дека има непобитни докази во смисла на телефонски преписки, тој одговори дека не се спорни тие преписки.
„Не се воопшто спорни телефонските преписки и јас воопшто тој дел не би го коментирал јавниот обвинител и не сум баш убеден и сигурен дека се однесуваше на мојот клиент затоа што преписката што вие ја посочувате е воопшто неспорна и денеска сведокот ја објасни комуникацијата помеѓу таткото и децата и како што и самите слушнавте како кажа – сакаше тој малку да се прави како паметен и да соли памет и секогаш да дава некакви идеи итн. Во целост денешниот исказ на овој сведок оди во правец на теоријата на случаи на одбраната и спротивно на тврдењата на Јавното обвинителство“, рече Туфегџиќ.
Адвокатот Марјан Витановски, бранител на првообвинетиот Љупчо Палевски за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, смета дека денешниот исказ на мајката на Вања не може да се доведе во поврзаност со конкретните кривични дела што му се ставаат на товар на Палевски.
„Преку овие докази во никој случај не може да се доведе во поврзаност со конкретните кривични дела. Од исказите на овие оштетени во својство на сведоци, нема ниту еден дел од нивниот исказ кој и упатувал на тоа дека Палевски е сторител на кривично дело. Верувам во својaта одбрана и затоа сум тука. Ние негиравме уште во фазата на истрага. Сега кога сум повеќе запознаен со ова, сметам дека постои можност вака поставеното обвинение, преку тие докази нема можност обвинетиот Љупчо Палевски да биде поврзан со конкретните кривични дела. Фаза по фаза, ќе бидат изведувани тие докази па може да ги анализираме еден по еден“, изјави адвокатот Витановски по денешното судење.
Во Основниот кривичен суд Скопје во врска со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски денеска сведочеа и ќерката на Панче, Ана Киркова, и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков. На прашања на обвинителката Жаклина Лазаревска, Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека Жежовски го нема, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.
Ана Киркова е една од трите ќерки на Жежовски, која на денешното сведочење изјави дека сосетка на татко ѝ ја информирала дека тој не е достапен веќе подолго време.
„Утрото околу 10 часот ми ѕвонеше на телефон негова комшика, ми кажа ѕвонам, го барам татко ти, не се јавува. Велам од кога? Таа кажа од средата веќе може 40 пати ѕвонела. Па добро, си велам можеби не сакал да ѝ се јави“, рече таа.
Дополни дека потоа почнала и таа да ѕвони, но тој не се јавувал и го испратила својот сопруг, кој работел во близина, да провери.
„Почнав и јас да ѕвонам, не се јавува, си велам низ двор си работи. Потоа повторно јас ѕвонев, не се јавуваше. Уште во 16 кога завршив со работа, се преиспитував што може да се случи, но си велам ајде ќе одиме, околу 18 часот и 40 минути почнав да се облекувам. Отидовме во станица, кажавме дека татко ми од средата на неговиот телефонски број не се јавува“, рече таа.
Прашана дали ѝ е познато дека Панче имал комуникација со некој од обвинетите, таа одговори дека имал комуникација со Велибор Манев.
„Во 2007 го најми Велибор Манев да работи во куќата кај нас. Рече дека му е добар пријател, каменорезец. Мислам дека живее на пет минути со кола од кај нас“, рече таа.
За татко ѝ посочи дека живеел скромно од својата пензија. Прашана за возилото ситроен, одговори дека било старо и со голем багаж.
„Беше вреден човек. Имаше еден спор со Велибор Манев, настана поради тоа што, по укажувањата на татко ми, Велибор дошол, си ги земал коцките, нешто не испаднало како што треба“, рече таа.
На прашањата на првообвинетиот Љупчо Палевски, таа одговори дека немала сознанија дали нејзиниот татко имал контакти со него и дека воопшто не го познава Палевски.
Нејзиниот сопруг, Тодор Кирков, изјави дека кога дознал дека се случува нешто, отишол да провери во куќата.
„Кога ми се јави сопругата, бев на работа, отидов кај него дома, бев во дворот да ја побарам колата, во дворот не беше колата, ми го прати клучот синот по такси. Греалката работеше, многу беше топло, рече тој, дополнувајќи дека го побарале на друго место, но, бидејќи го немало никаде, решиле да пријават во полиција.
И Кирков посочи дека имал сознанија дека Панче имал некаков спор со Манев во врска со дворот.
Во судот денеска беа присутни обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Обвинетите на изминатото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат виновни, за што дополнително нивната одбрана ќе достави докази.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
На 22 ноември 2023 година обвинетиот Палевски заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ситроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
Расправата продолжува на 16 октомври.
Искра Опетческа