вторник, 19 ноември 2024

Лидерот на сепаратистите во Абхазија поднесе оставка, вели ќе ја повлече доколку демонстрантите не ја напуштат зградата на владата

Лидерот на сепаратистичките власти во отцепениот грузиски регион Абхазија потпиша оставка поради тековните протести на поддржувачите на опозицијата против договорот за недвижности со Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„За да се одржи стабилноста и уставниот поредок во земјата, во согласност со член 65 од Уставот на Република Абхазија, поднесувам оставка“, рече Аслан Бжанија во изјавата на 19 ноември по неколкучасовни преговори меѓу властите на отцепениот регион и опозицијата.

Опозициските лидери бараат не само трајно повлекување од предложениот договор со Русија, за кој противниците велат дека неправедно ќе го отвори пазарот на недвижности за богатите Руси, туку и оставка на Бжанија и неговиот потпретседател и премиерот на отцепеното раководство.

Бжанија се согласи да поднесе оставка во замена демонстрантите да ја напуштат зградата на владата, но во неговата изјава се додава дека ќе ја повлече оставката доколку собраните во просториите не си заминат.

Локалниот парламент треба да расправа за оставката на Бжанија на 19 ноември, додека неговиот заменик Бадра Гунба ќе биде вршител на должноста водач на сепаратистичкиот регион.

Валериj Бганба, поранешен претседател на парламентот, според договорот ќе биде именуван за премиер.

Се вели дека актуелната влада ќе продолжи да дејствува додека новоизбраниот лидер не ја преземе функцијата.

Бжанија веќе кажа дека планира повторно да се кандидира. Следните избори требаше да се одржат во пролетта 2025 година, но во сегашната ситуација може да има предвремени избори.

На 15 ноември, демонстранти упаднаа во зградата на парламентот во Сухуми, главниот град на регионот, за да го принудат законодавното тело да гласа за целосно откажување од договорот за недвижности. Тие подоцна влегоа во владината зграда и во претседателскиот комплекс, принудувајќи го Бжанија да побегне во своето родно село надвор од Сухуми.

На 12 ноември, опозициските демонстранти блокираа автопат и три пристапни моста во Сухуми, принудувајќи ги властите да ослободат неколку активисти кои беа уапсени поради протестите поради договорот за недвижности.

Абхазија и Јужна Осетија се отцепија од грузиската власт по распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти.

Москва ја призна независноста на двата региона откако руските сили го одбија грузискиот обид да ја поврати Јужна Осетија во петдневната војна во летото 2008 година, која заврши со пораз на Грузија.

Повеќето земји сè уште ја признаваат Абхазија како дел од Грузија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ