„На состанокот беа присутни и двајцата наши министри за правда. Од страна на Северна Македонија беше господинот Игор Филков, а од страна на Република Косово беше Албулена Хаџиу. Тие комуницираат директно меѓу себе и се залагаат да го решат што поскоро ова прашање со оглед на тоа што се работи и за прашање на судови, на јавни обвинителства. Ние сме во ситуација кога имаме наследено старо прашање, и ова наследено прашање налага законски, судски третман“, рече косовскиот премиер Курти.
Тој додаде дека двајцата министри за правда даваат максисмум за што поскоро да се реши ова прашање. Да им дадеме уште малку време на двајцата и да го решат овој проблем, рече Курти.
Македонскиот премиер беше прашан и за тоа дали сè уште се на сила потерниците за поранешните борци на ОНА, како и за отсуството на Иван Стоилковиќ, министер за односи со заедниците, од седницата и неговите ставови за Косово.
„Ние како влада сме го кажале меѓу првите нашиот став за Косово и не треба да дозволиме таа тема некој да ја злоупотребува. Сите овие настани се јасна порака за тоа. Сега ако некој континуирано се обидува од нас, истото ова да го повторуваме мислам дека ќе ја изгубиме суштината. Мислам дека сето ова денеска што се случува овде, претходно во Скопје на самиот почеток на независноста на Косово, што го направи македонската Влада е јасен параметар и показател каков е нашиот став“, рече Мицкоски.
За отсуството на Стоилковиќ од заедничката македонско-косовска владина седница во Приштина Мицкоски рече дека „не е присутен поради оправдани обврски“.
„Би сакал да кажам дека членот на Владата, Стоилковиќ гореше од желба да биде денеска овде во Приштина, но, бидејќи ние ја поместивме владината седница требаше да биде во петокот, а денеска е понеделник и поради оправдани обврски не е денеска тука. Но, затоа заменикот министер, Неждет Мустафа денеска е тука и навистина имаше една прецизна јасна дискусија со неговиот хомолог од косовската Влада“, рече Мицкоски.