„Ние сме земја која што веќе го привршува билатералниот скрининг, а во однос на сите поглавја извештајот за првиот кластер е завршен. Веќе работиме на подготовка на патоказите врз основа на коишто подоцна и се спроведува целиот процес на пристапување заедно со отворањето на поглавјата и она што останува е и ние ја исполниме нашата обврска преземена во Преговарачката рамка, одобрена од сите земји 27 земји членки на ЕУ, да ги направиме потребните измени на Уставот и потоа веднаш да продолжиме со отворање на првиот кластер“, рече Ковачевски.
Ковачевски изрази уверување дека доколку Македонија ги донесе потребните одлуки во текот на оваа година, не само што, како што кажа, „ќе го отвориме првиот кластер туку ќе бидеме во можност да затвориме едно или две поглавја од првиот кластер од Преговарачката рамка“.
Според него, многу е важно што овој самит на ЕПЗ се случува на ден пред неформалниот Совет на ЕУ, на кој присуствуваат лидерите на сите земји членки на ЕУ, кои денес беа присутни заедно со сите други земји од Европа и на состанокот кој се одржува утре, исто во Гранада на кој лидерите од ЕУ ќе започнат дискусија за приоритетите на Унијата во следните години, односно ќе дискутираат со цел да ја подготват стратешката агенда на ЕУ за годините кои следат.
„По самитот во Кишињев и првиот кој се одржа во Прага, денес овде во Гранада, повторно имаме можност и ние и останатите земји кои се дел од процесот на пристапување, да се вклучиме во дел од тие разговори денес и тоа преку учество на работни маси и билатерални средби на маргините на овој самит со премиерите на другите држави“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека на тркалезната маса на тема Дигитална транзиција и вештачка интелигенција говорел за придобивките и позитивните практики кои преку дигитализација, може да ги добијат државите но пред сè граѓаните во делот на остварување на поефикасни и побрзи услуги.
„Исто така разговаравме дека со зголемувањето на дигитализацијата, со зголемувањето на телекомуникациските услуги, рака под рака оди и сајбер безбедноста како и заштитата од хибридни напади и затоа тука се договоривме дека во веќе формираниот центар за заштита од сајбер напади, од страна на ЕУ, ќе биде проширен како во однос на процесите така и во однос на фондовите. Ќе бидат опфатени и земјите кандидати за членство во ЕУ. И Северна Македонија ќе биде опфатена во овој центар којшто ќе овозможи подобра заштита на нашата телекомуникациска мрежа, на нашите системи од сајбер напади кои се случуваа во минатото, меѓутоа од кои постои опасност дека ќе се случуваат и понатаму“, рече Ковачевски.
Посочи дека Владата има силна волја што побргу, преку дигитализација да развие различни алатки за дигитализација на јавните услуги, бидејќи „колку побргу се имплементираат толку побргу нашите граѓани и компаниите ќе ги почувствуваат придобивките од истата“.
Истакна дека со билатералните средби со премиерот на Ирска, Лео Варадкар и со премиерот на Холандија, Марк Руте и со премиерот на Шпанија Педро Санчез, разговарале за динамиката на скрининг процесот кој Македонија го има со ЕУ, „кој се одвива одлично“.
„За динамиката во однос на одлуките кои треба да ги донесеме во нашето Собрание, а кои се однесуваат на уставните амандмани и продолжување на европските интеграции и отворање на кластерите по завршувањето на процесот на скринингот добивме поддршка од државите и од премиерите со кои денес имав можност да разговарам“, рече тој.
Како клучни пораки од денешните состаноци ги посочи дека Европа успеала да покаже дека само со заедничка работа можат да се остварат визијата за мир, стабилност, обединетост и просперитет на европскиот континент без разлика дали земјите се членки на ЕУ или се земји кандидати за членство во ЕУ кои наскоро ќе станат земји членки.
„Потоа, дека ние сме поврзани и географски меѓутоа и вредносно и историски на овој контитент и дека делиме заеднички вредности, дека мора да се воспостави заедничка безбедносна архитектура за европскиот контитент да живее во мир, слобода и просперитет. И секако дека Европа отсекогаш бил континент на иновации и континент на нови процеси кои се одвиваат во светот, дека има огромен потенцијал и дека со заедничка работа ќе може да се придонесе и за развој на бизнисот и за развој на животниот стандард на европскиот контитент. И секако дека проширувањето останува високо на агендата на ЕУ за што утре ќе има и конкретен состанок на лидерите на ЕУ на неформалниот состанок на Европскиот совет“, додаде Ковачевски.
Истакна дека таму ќе се разговара за внатрешните реформи кои ЕУ треба да ги направи со кои ќе биде во можност да апсорбира нови земји членки во ЕУ, бидејќи не е исто доколку ЕУ работи со 27 земји членки во однос на она што би било доколку има 32, 33 земји членки во делот на нејзиното функционирање.
„Веќе во медиумите е лиферувана информација дека постои германско-француски предлог во однос на еден работен материјал кој ќе биде основа за утрешниот состанок, меѓутоа и за официјалниот состанок на Европскиот совет кој ќе биде во декември. Јас не би навлегувал во детали со оглед на тоа дека се работи за работен материјал кој треба да го презентираат тие коишто го направиле меѓутоа го имам видено, се работи за материјал кој има позитивни сигнали и позитивни одредби во однос на пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ“, нагласи премиерот Ковачевски на прес-конференција на Самитот на ЕПЗ во Гранада.
Тој уште порача дека преземените обврски ќе треба да се исполнат затоа што „сѐ друго е залажување на граѓаните“.
Треба да знаеме дека во текот на нашиот евроинтеграциски пат имаме преземено обврски и ЕУ има преземено и тоа се обврски коишто ќе треба да ги исполниме. Сѐ друго е залажување на граѓаните, сѐ друго е бегање од реалноста, сѐ друго е бегање од одговорност и сѐ друго е немање на храброст“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски посочи, дека како што ЕУ ја исполнила обврската за вклучување на чист македонски јазик без никакви фусноти во преговарачката рамка, така и Македонија треба да ја исполни нејзината обврска, а тоа е вметнување на други делови од народи во Уставот.