понеделник, 18 ноември 2024
Премиерот и министерот за надворешни работи на различна бранова должина

Ковачевски: Ако се придржуваме до Преговарачката рамка, нема потреба да се мисли на дополнителни барања

Доколку се придржуваме до Преговарачката рамка, тогаш нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било, бидејќи се е наведено во тој документ, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи го министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) изјави дека Северна Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, но и дека е сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања. За премиерот процесот на уставни измени е клучен за евроинтегративниот пат на државата и тој не треба да биде условуван.

Објавено на

часот

Сподели

Ковачевски денеска по посета на градинката „13 Ноември“ по повод „Недела на детето“, рече дека е во постојана комуникација и со Османи и со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и според него изјавата на шефот на дипломатијата е многу јасна и не се разликува од неговите изјави во минатото, ниту пак се разликува од другите изјави на оваа тема.  

Тој нагласи дека постои усвоена преговарачка рамка, одобрена од 27 земји-членки на ЕУ, на која, како што рече, се придржуваат сите земји на чело со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.  

„Од друга страна, опозицијата сакајќи да го одолговлекува процесот, сакајќи повторно да ја внесува државата во изолација, со тоа може да и даде можност на Бугарија да каже, ‘гледајте, тие не сакаат да ги исполнат нашите обврски, а ЕУ ги исполнува своите обврски’, бидејќи ние имаме Преговарачка рамка со ЕУ, немаме Преговарачка рамка со Софија“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека скринингот се одвива во Брисел, а не во некој друг град и поради тоа е потребно фокусот да се стави на исполнување на она што е во Преговарачката рамка.

-И затоа ако се придржуваме до Преговарачката рамка, тогаш и нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било, бидејќи се она што е наведено е наведено во Преговарачката рамка“, рече Ковачевски.

Премиерот напомена дека Бугарија имала голем број барања во изминатиот период и тие барања биле предмет на напорни и тешки преговори, во коишто било вклучено француското претседателство во текот на изминатата година.

„Во текот на тие преговори она што беше клучно за нас и што е зацртано во заклучоците на Собранието, кое што е дел и од Преговарачката рамка е чист македонски јазик“, рече Ковачевски.  

Потсети на одржувањето на првата Меѓувладина конференција и додаде дека она што останува да се направи е успешно завршување на скрининг процесот, изработка на документите коишто се однесуваат на патоказите за владеење на право, за демократија и за малцинските права на сите заедници.

„Во однос на малцинските права сметам дека ние сме лидери во Европа, бидејќи ако постои држава во која што малцинските права се заштитени и се унапредуваат и законски и институционално, за што основа секако е Охридскиот рамковен договор, тоа со сигурност е нашата, во која што секој човек без разлика на неговата етничка припадност може да го планира својот личен и професионален живот во држава, која што е еднаква за сите“, рече Ковачевски.

За премиерот процесот на уставни измени е клучен за евроинтегративниот пат на државата и тој не треба да биде условуван.

„Амандманите што беа поднесени од страна на Владата беа предмет на работа на работната група составена од експерти по уставно право, бивши уставни судии и претставници од политичките партии, освен претставник на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие во ништо не учествуваат“, изјави Ковачевски по најавите на албанскиот опозициски блок дека нема да ги поддржат уставните измени ако не се тргне формулацијата на „20 проценти“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ