„Зборуваме за македонскиот јазик како културно наследство дефинирано со Устав. Навистина сум многу горда што го изработивме Законот за употребата на македонскиот јазик. Од 1998 година ние немавме такви јасни одредби, тоа законско решение беше застарено и имајќи предвид дека јазикот е жива материја, не можеме да останеме на законот кој што безмалку ќе наполнеше дваесет и кусур години старост“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Разговарајќи за текот и процесот на донесување на овој Закон, министерката за култура додаде дека на самата пленарна седница пратеничката Гордана Силјановска-Давкова позитивно го оцени текот на донесување на Законот и самата дискусија на дебатата.
„Заедно седнавме со целата Комисија за култура во Собранието и се договоривме дека ова е национален интерес, натпартиски се разбира, и дека мораме да бидеме конструктивни“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура нагласи дека и јавната дебата за Предлог-законот која што се одржа во Народната и универзитетска библиотеката во Скопје и сите други консултации што се одвиваа на ниво на пратеници и Министерство, како што рече беа на многу високо академско ниво.
„Ги послушавме барањата од стручната јавност, но и од Стопанската комора и од Народната банка и токму за тоа имавме едно убаво законско решение. Сè она што беше пречка до 2020 година со овој закон беше надминато, и токму затоа беа и пофалните зборови“, рече Костадиновска-Стојчевска и потсети дека Законот за употребата на македонскиот јазик во Собранието беше донесен со мнозинство од 96 гласа за.
Со новиот Закон, меѓу другото, се предвидува задолжително лекторирање на сите документи што излегуваат од институциите, задолжително вработување на лектор во секоја институција, поголеми казни за прекршување на одредбите од овој закон.