петок, 1 ноември 2024

Колоски: Изборите се клучен фактор дијаспората да добие глас во татковината

Како македонски државјанин и граѓанин иако живеам надвор од Македонија имам право да гласам на избори во Македонија. Иако имав разни пречки успеав во 2018 година да станам македонски државјанин, со гордост, оти моите се родени во Македонија и го имам тоа право! Јас не се иселив од Македонија, роден во САД, но имав желба да бидам македонски државјанин, како илјадници други македонци надвор од Македонија. Пробувам да се регистрирам преку вебстраницата на Државната изборна комисија неколку пати и не ми дозволува со мојот матичен број, реагира Методија Колоски, ко-основач и почесен претседател на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) за гласањето на дијаспората.

 

 

Објавено на

часот

Сподели

Колоски тврди дека скоро две недели чека одговор од Државната изборна комисија (ДИК) но сѐ уште не го добил.

„Во 2020 година се регистрирав успешно, но потоа не се најдов на Избирачкиот список и неможев да гласам иако тогаш живеев во близина на македонската амбасада и со задоволство сакав да го изразам моето право. За жал институциите во Македонија, почнувајќи со Владата, ДИК, и сѐ надолу, ми го одземаат правото на глас мене и на стотици илјади македонски граѓани во светот. Минатите избори имаше доволно регистрирани од дијаспората, и ги следев бројките до крај на денот, и потоа бројката се намали за 2-3,000 регистрирани, мислев очите ме лажеа, ама вистина беше“, вели Колоски.

Тој вели дека причина за ова е тоа што институциите во Македонија немаат интерес дијаспората да гласа па ни да се инволвира на вистински начин во унапредување на македонската држава.

„Нека ме убеди некој во обратното. Сите сакаат да дојдат во Вашингтон и да се сликаат со претставници на ОМД и да барат помош од нас за состаноци со американскиот Конгрес, но никој не се заложи да ги реши проблемите на дијаспората. Совршен пример е последната хаотична ситуација, која ќе трае со месеци, со обновување на македонските пасоши и лични карти. Политичката репресија е чин на државен субјект кој насилно го контролира граѓанството од политички причини, особено со цел да ја ограничи или спречи способноста на граѓаните да учествуваат во политичкиот живот на едно општество, а со тоа да ја намали нивната положба меѓу своите сограѓани“, смета Колоски.

Тој ѝ порачува на дијаспората да биде упорна и да продолжи да се бори за своите права.

„Обединета македонска дијаспора, ги повикува сите Македонци кои живеат надвор од Македонија, независно од обновата на своите пасоши, доколку нивното временско траење е сѐ уште валидно, да се регистрираат за гласање на претстојните избори и да ја конкретизираат валидноста на изборите во државите во кои тие живеат. Како членови на различи македонски заедници ширум светот, сметаме дека овогодинешните избори се клучен фактор за дијаспората да добие глас во татковината, глас кој би можел да придонесе за нејзиното институционализирање и имплементација на Националната стратегија за дијаспората која е клучна во тој процес“, ги повика Колоски, Македонците од дијаспората, а во пресрет на претстојните претседателски и парламентарни избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ