петок, 18 октомври 2024

Колапсот на нацистичка Германија – два монструозни плана што никогаш не се реализираа

Објавено на

часот

Сподели

Операцијата Барбароса беше инвазија на Советскиот Сојуз од страна на нацистичка Германија и многу нејзини сојузници од Оската, која почна во недела, 22 јуни 1941 година, за време на Втората светска војна. Воедно е и најголемата копнена офанзива во историјата на човештвото, во која учествуваа приближно 10 милиони борци, именувана по Фредерик Барбароса („црвена брада“ на италијански), император и крстоносец на Светото Римско Царство од 12 век.

Идеолошката цел била освојување на западниот Советски Сојуз и неговото населување со Германци.

Операцијата го отвори Источниот фронт, во кој беа ангажирани повеќе сили отколку на кое било друго бојно поле во историјата на човештвото. Оваа област е место на некои од најголемите битки во историјата (Ленинград, Сталинград, Курск, Дон), најужасните злосторства и најголемите жртви (советски и германски), а сето тоа влијаело на текот на Втората светска војна и на подоцнежната историја на 20 век.

Се очекувал колапс на советскиот отпор како во Полска, а наместо тоа Вермахтот бил заглавен во исцрпување за какво што не бил подготвен, што било почеток на колапсот на германскиот експанзионизам и на неговиот конечен пораз во 1945 година.

А каква ќе беше иднината доколку Германците не беа поразени, ако, и покрај важните победи и окупираните значајни економски области на Советскиот Сојуз, не застанеа пред Москва на крајот на 1941 година, по што подоцнежната советска зимска контраофанзивата ги турна назад околу 250 км?

Несогледлива.

д

Освен што убивањето на Советите, а подоцна и на Словените, веројатно ќе го надминело холокаустот, два плана ќе се спровеле во целост, од кои првиот подразбирал гладување, составен дел од германската кампања, без кој германските планери верувале дека нападот на Советскиот Сојуз не може да успее.

На двата подзаборавени плана во едно неодамнешно интервју потсети познатиот офанзивен реалист и еден од најголемите и највлијателни модерни теоретичари, Џон Миршајмер, професор на Универзитетот во Чикаго.

Планот за глад – der Hungerplan

За „што би било кога би било“ доволно е да се прочита Планот за глад (der Hungerplan), на Херберт Баке, кој заедно со Хајнрих Химлер ја предводел коалицијата на нацистички политичари посветена на снабдувањето на Германија со храна, на која, со цел да се одржат војната и моралот, по секоја цена ѝ била потребна храната од освоените земји.

Во практиката, планот, кој никогаш не бил целосно спроведен, требало за време на Втората светска војна да овозможи заплена на храна од Советскиот Сојуз, која би им била дадена на германските војници и цивили. Тоа значело геноцид со изгладнување на милиони советски граѓани по операцијата Барбароса.

Дел од планот, гладот ​​како чин на политика, и без конечна реализација, убил милиони луѓе.

Историчарот Тимоти Снајдер проценува дека „4,2 милиони советски граѓани (главно Руси, Белоруси и Украинци) биле изгладнети од германските окупатори во 1941-1944 година“. Меѓу жртвите имало многу Евреи, кои нацистите ги протерале во гета, како и советски воени затвореници под германска контрола. Најсигурните податоци за стапката на смртност меѓу советските заробеници во германско заробеништво откриваат дека 3,3 милиони умреле од вкупно 5,7-те милиони заробени помеѓу јуни 1941 година и февруари 1945 година, директно или индиректно од глад.

Нацистите не формулирале сличен план против жителите на другите територии што ги окупирале, ниту морале, бидејќи гладот сам ​​си го нашол патот. Повеќе од 300.000 Грци умреле за време на Големиот глад, период на масовно гладување за време на окупацијата на Грција од страна на Тројниот пакт (1941–1944).

За разлика од Советскиот Сојуз, во Полска најмногу страдало еврејското население во гетата, иако етничките Полјаци исто така се соочиле со поголема глад. Еминентниот научник упатен во прашањето за холокаустот, Раул Хилберг, процени дека „во целата окупирана Полска од 500.000 до 600.000 Евреи умреле во гета и работни логори“, делумно и поради глад. Во почетокот на 1943 година, Ханс Франк, германскиот гувернер на Полска, проценил дека три милиони Полјаци ќе се соочат со глад како резултат на овој план.

Што ќе се случело можеби најдобро го опиша историчарот Алекс Џеј Кеј: „она со што ние тука се занимаваме е нацрт-програма за масовни убиства без преседан во модерната историја“.

Генералплан Ост

Поради колапсот на Источниот фронт, уште еден морбиден план не бил целосно спроведен поради поразот на Германија, туку бил само делумно спроведен на териториите окупирани од Германија на Источниот фронт за време на Втората светска војна, што индиректно и директно резултирало со смрт на милиони луѓе со стрелање, гладување, болести, истребување преку работа и геноцид.

Планот, скратено наречен „ГПО“, бил план на нацистичка Германија за големо етничко чистење, истребување и геноцид на Словените, Евреите од Источна Европа и другите етнички групи категоризирани како „Untermensch“ (нацистички термин за неариевците што тие ги сметале за инфериорни, нарекувајќи ги „масите од исток“, за Евреите, Ромите и Словените, главно етнички Полјаци, Украинци, Срби и Руси).

Планот требало да биде претходник на програма што вклучува населување на Централна и Источна Европа со германски доселеници, по елиминацијата на националните идентитети на разни словенски народи. Другото население требало насилно да биде депортирано од Урал, отворајќи го патот за германските доселеници.

Химлер и Хитлер

д

Оперативните насоки на програмата се засновале на политиката Lebensraum, предложена од Адолф Хитлер и Нацистичката партија во исполнувањето на идеологијата на германскиот експанзионизам Drang nach Osten (продор кон исток), концептот на надворешната политика и Новиот поредок во Европа. Приближно 3,3 милиони советски воени затвореници заробени од Вермахтот биле убиени како дел од „ГПО“.

Телото одговорно за Генералплан Ост била Канцеларијата за безбедност на Главниот Рајх (РСХА) под команда на Хајнрих Химлер, која и го нарачала. Документот бил неколку пати ревидиран помеѓу јуни 1941 година и пролетта 1942 година, бидејќи војната на исток успешно напредувала. Тоа било строго доверлив предлог чија содржина им била позната само на оние од највисокото ниво на нацистичката хиерархија. Според сведочењето на Ханс Ехлих, припадник на СС-трупите, кој бил еден од ангажираните сведоци пред судењето во Нирнберг, оригиналната верзија била создадена во 1940 година, а покрај Ехлих, учествувал и Конрад Маер, главниот планер на Химлеровата „Канцеларија за јакнење на германизмот“.

Планот предвидувал елиминација на 31-70 милиони Руси, 20 милиони Полјаци, 50% од населението на Естонците, Летонците, Чесите, 75% од Белорусите, 85% од Литванците, депортација на 65% од Украинците, од кои 35% би биле германизирани. Слична судбина ќе ги снашла и народите на Југославија, особено откако режимите што ги планирал Вермахтот не биле инсталирани и почнала народноослободителната борба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ