вторник, 22 октомври 2024
Би-би-си

Кој има корист од уништувањето на важната брана во Украина?

Објавено на

часот

Сподели

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за уништувањето на браната, потсетувајќи на минатогодишните нерешени експлозии на гасоводот Северен тек. Во двата случаи, сомнежите на Западот веднаш паднаа врз Русија. Но и двата пати Москва одговори со: „Не сме ние. Зошто би го направиле тоа? Ова ни штети нам“.

Во случајот со уривањето на браната Каховка, Русија може да укаже на најмалку два начина на кои тоа им штети на нејзините интереси. Поплавите низводно ја принудија да ги евакуира војниците, како и цивилите, на исток, подалеку од Херсон и широките брегови на реката Дњепар. Ова ќе им донесе одредено ограничено олеснување на жителите на Херсон, кои мораа да живеат со секојдневните руски артилериски и ракетни напади.

Второ, ова може да влијае на снабдувањето со вода на окупираниот Крим, сув полуостров што зависи од свежата вода од каналите во близина на урнатата брана. Откако Русија незаконски го анектираше во 2014 година, тој стана силно утврдена територија што и Русија и Украина ја нарекуваат своја.

Сепак, уривањето на браната во Каховка треба да се гледа во поширок контекст на војната во Украина и конкретно во светлината на украинската летна контраофанзива, која очигледно веќе започна, вели Би-би-си.

За да успее оваа контраофанзива, таа мора да ја прекине руската контрола врз голем дел од територијата што руските сили ја зазедоа минатата година и го поврзаа Крим со источниот украински регион Донбас. Ако Украина може да најде начин да ги пробие руските одбранбени линии јужно од Запорожје и да ја раздели таа територија, може да го изолира Крим и да постигне голема стратегиска победа.

Но Русите научија многу лекции од почетокот на инвазијата минатиот февруари. Тие ја погледнаа мапата, сфатија каде Украина веројатно ќе нападне и последните месеци ги минаа градејќи навистина застрашувачки утврдувања за да го блокираат секое напредување на Украина кон Азовско Море.

Воопшто не е сигурно дека Украина планирала да испрати свои сили кон западната страна на оваа одбрана. Воената команда во Киев разумно ги крие своите карти за да ја држи Русија во неизвесност.

Но уништувањето на браната, кој и да го извршил, сега ја прави таа опција многу попроблематична.

Дњепар веќе беше широка река до моментот кога влегува во јужна Украина, а преминувањето на оклопна бригада преку него, под руската артилерија и ракетни напади, би било крајно опасно.

Со уништената брана и поплавените огромни површини земја низводно, областа на левиот (источен) брег спроти градот Херсон стана практично недостапна за украинските оклопни транспортери.

Треба да се напомене дека Русите на истата река веќе имаат направено нешто слично во историјата. Имено, во 1941 година, советските трупи разнесоа брана преку реката Дњепар за да го блокираат напредувањето на нацистичките трупи. Илјадници советски граѓани, наводно, загинале во поплавите.

Но сега е клучно тоа дека кој и да ја пробил браната Каховка, ја наруши стратегиската шаховска табла во јужна Украина, принудувајќи ги двете страни да направат серија големи приспособувања и веројатно одложувајќи го следниот потег на Украина во нејзиниот долго ветуван контранапад.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ