Случајот со Кина ги истакнува жестоките обвинувања меѓу земјите за шпионирање што ја загрозува нивната национална безбедност.
Кинеското Министерство за државна безбедност во понеделникот на својот профил на социјалните мрежи Ви-чет (WeChat) откри дека странец, идентификуван само со презимето Хуанг, бил задолжен за консултантска агенција во странство, а во 2015 година, МИ6 воспоставила „разузнавачки кооперативен однос“ со лицето.
Потоа МИ6 му наложила на Хуанг да влезе во Кина неколку пати и да го искористи својот јавен идентитет како покритие за собирање разузнавачки информации поврзани со Кина за шпионирање за Британија, се вели во соопштението.
МИ6, исто така, во Британија и на други места го обучила Хуанг за професионално разузнавање, и обезбедила специјална шпионска опрема за разузнавачко вкрстување, соопшти кинеската влада.
„По внимателна истрага, органите на државната безбедност веднаш открија докази за вмешаност на Хуанг во шпионски активности и презедоа криминални присилни мерки против него“, соопшти владата.
Кинеската влада не откри за која консултантска агенција станува збор. Британското Министерство за надворешни работи одби да коментира, вели Ројтерс.
Во меѓувреме, британската влада соопшти дека кинеските шпиони ги таргетираат нејзините функционери на чувствителни позиции во политиката, одбраната и бизнисот, како дел од сè пософистицираната операција да добијат пристап до тајните.
Неодамна, истражувач во британскиот парламент негираше дека е кинески шпион.
Кина преку портпаролот на Министерството за надворешни работи постојано ги осудуваше тврдењата велејќи дека тие се „целосно неосновани“.
„Ја повикуваме Велика Британија да престане да шири дезинформации и да престане со политичката манипулација и злонамерните клевети против Кина“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи Мао Нинг на брифинг со новинарите.
Кина презема остри мерки против она што го гледа како закани за нејзината национална безбедност, откривајќи неколку случаи на шпионирање во последниве години.
Владата ги предупредува своите граѓани во земјата и во странство за опасноста да се биде фатен во шпионски активности и ги охрабрува луѓето да се вклучат во контрашпионирање, односно пријавување сомнителна активност.
Кина, исто така, почна голема акција против странски консултантски фирми и фирми за длабинска анализа поради заканите за откривање државни тајни, што ги вознемири странските компании што работат во земјата.