понеделник, 25 ноември 2024

Кина распореди авиони и беспилотни летала околу Тајван

Денеска Кина распореди дваесетина борбени авиони и беспилотни летала околу Тајван како дел од „заеднички патроли во подготовка за борба“, објавија тајванските власти.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Акцијата на Пекинг следи по извештаите за продажба на американско оружје на Тајван, вклучително и противвоздушни системи, што Кина го осуди.

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека 19 летала, вклучувајќи борбени авиони и беспилотни летала, биле забележани денеска во близина на островот за време на речиси четиричасовната кинеска „заедничка патрола за борбена подготовка“.

Ова е трета патрола од ваков тип што Министерството за одбрана ја пријави во октомври.

„Војската на Тајван внимателно ја следеше ситуацијата преку разузнавачки, надзорни и извидувачки системи и распореди авиони, воени бродови и ракетни системи на теренот како соодветен одговор“, соопшти Министерството.

Кина синоќа го осуди одобрувањето на Вашингтон за продажба на американски ракети на Тајван, велејќи дека тоа е акција која „сериозно им штети на односите меѓу САД и Кина“ и „го загрозува мирот“ во регионот.

Продажбата на ракетни системи земја-воздух на Тајван „сериозно го нарушува суверенитетот и безбедносните интереси на Кина, сериозно ги нарушува кинеско-американските односи и ги загрозува мирот и стабилноста“ во таа област, соопшти синоќа кинеското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се наведува дека Пекинг може да ги преземе „сите неопходни мерки за цврсто да го одбрани својот национален суверенитет и територијален интегритет и безбедност“.

САД начелно одобрија продажба на оружје на Тајван во вредност од две милијарди долари, објави во петокот Пентагон. Како дел од ова, напредниот ракетен систем за противвоздушна одбрана НАСАМС, тестиран во Украина, за прв пат ќе и биде доставен на малата островска земја.

Тајванското Министерство за одбрана вчера ја изрази својата „искрена благодарност“ за продажбата, за која рече дека може да ѝ помогне на војската „да продолжи да ја подобрува својата одбранбена способност и да ги одржува мирот и стабилноста“ во регионот.

Соединетите држави се обврзани со закон да му обезбедат на Тајван одбранбени ресурси и покрај недостатокот на формални дипломатски врски, што е трн во око на Пекинг, пренесува Ројтерс.

САД не го признаваат Тајван како земја и ја гледаат Кина како единствената легитимна влада, но сепак обезбедуваат значителна воена помош за Тајпеј.

Пекинг редовно се противи на американската помош за Тајван и го обвинува Вашингтон за мешање во внатрешните работи на Кина.

Кина го смета Тајван за дел од својата територија што не успеа да ја обедини со копно од крајот на кинеската граѓанска војна во 1949 година.

Иако вели дека сака „мирно обединување“, Кина никогаш не се откажа од прибегнувањето кон воена сила и редовно испраќа воени бродови и воени авиони околу островите.

Во средината на октомври, Тајван откри рекордни 153 кинески авиони за само еден ден во близина на островот, на крајот од кинеските воени вежби.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ