Ова беше важен сегмент за зајакнувањето на одбранбените капацитети на земјата, објави денеска државната агенција КЦНА.
Претседателот Ким оствари работни посети од четвртокот до саботата на големите фабрики за оружје, вклучително и производствените линии на мотори за стратешки крстосувачки ракети и дронови, соопшти агенцијата.
Ким Џонг Ун ги посети и фабриките кои произведуваат повеќецевни фрлачи за ракети од голем калибар и транспортери со електрични-фрлачи кои се користат за лансирање балистички ракети, објави Ројтерс.
За време на посетата на фабриката за муниција, Ким го истакна подобрувањето на прецизната обработка, модернизацијата и автоматизацијата во производството на проектили за повеќецевни фрлачи на ракети со голем калибар, соопшти КЦНА.
Северна Кореја често тестираше ракетни фрлачи со поголем калибар, напредни крстосувачки ракети и најнови балистички ракети, а минатиот месец и интерконтинентални балистички ракети со цврсто гориво.