сабота, 19 октомври 2024

Ќе ја подобриме работата на Јавното обвинителство, уверуваат новоизбраните обвинители

Објавено на

часот

Сподели

„Сметам дека сите мои колеги кои што денеска дадоа заклетва ќе дадат позитивен придонес кон подобруваење на сѐ што се однесува на работата на Јавното обвинителство“, рече Муса по давањето на свечената заклетва.

На денешното потпишување на свечени изјави во Советот на јавни обвинители, Муса изјави дека нивната задача како јавни обвинители е да ги спроведуваат Уставот, законите и меѓународните договори кои што се ратификувани во Собранието и да се работи според сите постапки што се напишани во Законот за кривична постапка и Кривичниот законик

„За другите работи други треба да ценат за тоа како ние би дале придонес во сето тоа“, рече тој. 

На прашањето што претставувало предизвик за него да се одлучи за обвинителската служба, тој одговори дека со новите одредби на Законот за кривична постапка (ЗКП), смета дека работата е подинамична. 

„Јас лично можам да зборувам за себе. Сметав дека со новите одредби на Законот за кривична постапка е малку подинамична работа и бара малку повеќе труд во делот на активности, преземени дејствија и слично, и сметав дека на тој начин можам да го дадам својот придонес во подобрување и спроведувањето на законските одредби кои што нѐ обврзуваат во однос на рамката која што ние треба да ја спроведеме“, рече Муса.

Покрај него, за во ОЈО Скопје свечена изјава денеска потпишаа кандидатите Зоран Здравев, Ирина Спасовска, Емилија Мизо Димков и Ајбејан Ајдини. Додека, во Основното јавно обвинителство Гостивар за обвинителка беше избрана кандидатката Елизабета Јосифовска, а во ОЈО Кавадарци, Елена Манчева Костова, единствени пријавени кандидати на соодветните огласи за двете обвинителства.

Свечена изјава потпишаа и кандидатите за Јавното обвинителство на Република Македонија, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје.

Станува збор за обвинителките Наталија Тасевска и Елвин Вели кои беа избрани во ЈОРСМ, Оливера Проеска и Милица Гаврилова од ОЈО ГОКК и Наташа Гоџоска и Артан Ајро од ВЈО Скопје.

Предизвикот, како и досега, е максимално, професионално и во рамки на закон, бидејќи сите денеска кои што дадовме заклетва сме обвинители кои долги години сме во обвинителството и останува на нас, да продолжиме со добрата работа, изјави јавниот обвинител Елвин Вели, на денешното потпишување на свечените изјави во Советот на јавни обвинители.   

Вели, како и обвинителката Наталија Тасевска, денеска потпишаа свечена изјава за во Јавното обвинителство на Република Македонија.

Во однос на прашањето за предизвикот во државното обвинителство кога во државата граѓаните на правосудниот систем даваат само еден процент доверба, тој одговори дека во тој дел треба да се поработи.

„Ќе треба да поработиме на тој дел, во делот на довербата и во делот на транспарентноста. Најпрво со соработка поголема со вас медиумите и со поголема отвореност спрема граѓаните, и, нормално, со извршување на работните задачи и обврски“ рече тој.

Транспарентноста ја издвои како приоритет, како и навременото завршување на работните обврски.

Во Советот на јавни обвинители свечена изјава денеска потпишаа и кандидатите во Вишото јавно обвинителство Скопје, Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и од Основните јавни обвинителства во Скопје, Гостивар и Кавадарци.

Изјавата денеска не беше потпишана единствено од кандидатката Верица Бержетска Крстева од ОЈО ГОКК, која, како што информираа од Советот, била на пат.

Во Советот денеска беа потпишани и изјавите од седдумината новоизбрани јавни обвинители во Основните јавни обвинителства во Скопје, Гостивар и Кавадарци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ